Што да се прави со постаментот за Мајка Тереза во Скопје?


Да се пренамени или да се урне постаментот за споменикот на Мајка Тереза на плоштадот во Скопје? Владата и Министерството за култура од една и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов од друга страна застапуваат дијаметрално спротивставени ставови. Владата донесе одлука да распише конкурс за пренамена на недоизградениот 32-метарски споменик на Мајка Тереза. Шилегов, пак, не се согласува со одлуката споменикот да не се урива и допрва да му се бара друга намена.

„Што ќе се случи доколку се случи пожар на плоштадот ’Македонија‘? Од каде ќе дојдат пожарникарските возила?“, прашува Шилегов и посочува дека објектот е бесправно поставен на влезот на улицата „Орце Николов“ во плоштадот, која е зацртана во градските планови многу децении наназад.

Решението да не се урива бетонскиот постамент ја изненади и стручната јавност. Реагираше и професорот Мирослав Грчев, кој беше на чело на работната група која ја формираше Министерството за култура и која според Грчев, освен за постаментот на Мајка Тереза, дала свои предлози и за уште петнаесетина споменици од проектот „Скопје 2014“.

„Информацијата дека ќе се пренаменува споменикот ме затекна. Нема никаква смисла една дивоградба која е симбол на владеење на неправо, еден фашистички споменик да не биде срушен. Толерирањето на постоењето на овие споменици е толерирање на ’Скопје 2014‘, кој претставува историски дебакл на една цивилизација“, изјави Грчев. Тој додава дека градбата лоцирана токму на таа позиција крши неколку закони, меѓу кои се и Законот за градба, Законот за урбанизам и просторно планирање, но и Законот за меморијалните споменици и спомен обележја.

Образложението од Владата, дека уривањето на бетонскиот постамент би било прескапо, па заради тоа ќе треба да се пренамени, ги отвора и прашањата за кои јавноста се уште не добила одговор, колку, всушност, чини уривањето, а колку пари од Буџетот ќе бидат одвоени за пренамена?

Шилегов, пак, тврди дека рушењето нема да биде скапо и дека доколку му дозволат, градското јавно претпријатие „Улици и патишта“ веднаш ќе го урне објектот.

Постаментот на Мајка Тереза беше еден од спомениците од „Скопје 2014“ кои беа разгледувани во комисијата за ревизија на проектот. Професорот Грчев вели дека комисијата предала петнаесетина елаборати со решенија за различни споменици до Министерството за култура и до Владата, но не добиле повратна информација.Таа во 2018 година предложи рушење на три споменици, Ќосето, Воин на коњ и постаментот за Мајка Тереза, а само Ќосето беше отстранет и на негово место беше засадено дрво.

Иако ревизијата на „Скопје 2014“ беше една од главните поенти на сегашната власт додека беше во опозиција, засега резултатите од неа не се видливи за јавноста. Проектот е контроверзен по повеќе основи, а јавноста очекуваше завршница преку конкретни потези. Благиот однос на Владата кон насилничкото менување на изгледот на Скопје во изминатата декада зачудува. Особено, како во случајот на постаментот за Мајка Тереза, кога се работи за неодвршен и целосно нефункционален објект, поставен на погрешно место. (Н.В.)