Што да очекува Македонија од самитот на Макрон во Прага?


В четврток во Прага ќе се одржи првиот самит на лидерите на Европската политичка заедница – политичка креација на францускиот претседател Емануел Макрон која треба да отвори нов формат за соработка на ЕУ со земјите кои се на иста линија околу воената интервенција на Русија во Украина. Најавено е учество на 44 лидери, од кои 17 на земји кои не се членки на Унијата плус на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Македонија ќе ја преставува премиерот  Димитар Ковачевски кој во Прага ќе биде придружуван од шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Иако кај нас најавата за овој нов политички формат, во кој се вклучени и Украина и Молдавија, се гледа како некоја идна форма за интеграција на земјите што ЕУ не ги сака  во полноправно членство, европски извори тврдат дека не е така и дека целта на ова собирање воопшто не е да се супституира проширувањето, па и дека тоа воопшто нема да биде тема на дводневниот самит.

 Далеку од тоа, Европската политичка заедница во европските кругови се споредува со Групата 20, која има консултативен карактер или, како што велат тие што ја иницираа – консултативен  форум на земји со рамноправен статус чија цел е идејата за демократијата да надвладее во светот. 

Подобро е да ги имаме со нас, отколку да „потпишат“ со Русија или Кина, е краткото и најдиректно објаснување за Европската политичка заедница во ЕУ, со која се надеваат дека ќе го надоместат недостигот на односи на поредовна основа со земјите кои не се членки на Унијата, а имаат заеднички интереси во актуелната криза. Според овие оценки самитот на 44 лидери не само што нема да биде замена за проширувањето туку обратно, ќе го забрза процесот, бидејќи земјите кандидати заедно со земјите членки ќе градат заеднички позиции за најважните прашања во моментов. А темите ќе бидат три – војната во Украина, колективна енергетска независност од Русија и санирање на економската ситуација.

Аналитичарите во  Брисел предупредија дека собирот треба да биде повеќе од географија и повеќе од геополитички форум мотивиран од Украина. Дека не треба да трае само додека трае кризата околу руската воена интервенција и нејзините енергетски условувања.

Во регионот пак се отвори и друга тема – како оваа иницијатива ќе влијае на Берлинскиот процес,  во чии рамки треба да се одржи самит во ноември, како и тоа дали иницијативата Отворен Балкан е спротивна на она што ќе се договара во Прага. Пред се бидејќи од европските кругови почнаа да забележуваат дека на самитите на лидерите од Отворен Балкан има се повеќе критицизам против Европската унија и дека не се многу среќни поради тоа. Оценката „подобро да се со нас отколку против нас“ сепак надвладеа во организирањето на самитот во Прага, каде што и покрај политичките резерви е поканета и Турција која, според европски оценки, нема интерес воопшто да биде членка на Унијата и да ги дели нејзините вредности, туку само сака да ја користи за својата агенда.

Во ЕУ немаат дилема ни околу тоа дали на маса со нив во Прага треба да се најде  лидерот на Србија, Александар Вучиќ, иако постојано е критикуван за одржувањето на политичките и други врски со официјална Москва, а неодамна потпишаа  нов договор за соработка. Објаснувањето е дека има земји кои не можат да се одалечат сосема од Русија (Ерменија, Индија и Србија), но дека и тие што нормално ја поддржуваа досега, сега се дистанцираат на некој начин и таа станува се поизолирана, посочувајќи тука дури и на Белорусија во однос на последните воени одлуки на Москва. Со оглед на парализата на Обединетите нации каде што Русија е членка на Советот за безбедност а нема легална основа да се исфрли од таму, како и парализата на ОБСЕ, Европската политичка заедница попрво се смета како супституција за нив, отколку за процесот на проширувањето на Балканот. Па, иако сметаат дека последниот договор на Белград со Москва бил грешка, не гледаат корист од тоа да ја изолираат или притискатаа владеечката гарнитура во Србија бидејќи на таков начин само ќе ја радикализираат и, што е полошо, ќе ја втурнат во руски раце уште повеќе.

Македонските преставници во Прага одат со чисто досие, со чисти позиции и со јасни цели, а по самитот ќе се знае дали собирот каков што немало досега во Европа во организација на ЕУ  ќе има само политичка тежина, или ќе има и конкретни мерки кои ќе ни помогнат да се справиме со последиците од кризата. (Н.В.)