Штипјанката Јована Гуњова, која студира во Словенија, ја доби Прешерновата награда за уметност


Јована Гуњова со наградата

 

Вчера во Љубљана на штипјанката Јована Гуњова свечено ѝ беше врачена Прешерновата награда за уметност. Оваа награда на Гуњова ѝ ја додели нејзиниот Факултет по природни науки и инженерство оддел за текстил, графичка уметност и дизајн, пишува „Истокпрес“. Факултетот на кој Јована е втора година на мастер студии е во состав на Љубљанскиот универзитет на кој студираат и млади од многу европски држави, па оттука признанието кое го доби младата штипјанка уште повеќе добива на тежина.

Прешерновата награда го носи името на најпознатиот словенечки поет Франце Прешерн, а се доделува по повод 3 декември, денот на неговото раѓање.

„Наградата ми е доделена за колекцијата на облека Метаморфозис која е мое дипломско дело. Наградата ми ја врачи деканот на факултетот, а мојата менторка го најави моето дело и имаше напишано неколку страни за мене и моите достигнувања. Наградата се состои од диплома, моето дело е отпечатено, а на првата страна пишува дека е прешернов успех. Покрај дипломата добив и медаљон како и парична награда“, вели Гуњова.

Во разговорот за „Истокпрес“ Гуњова вели дека по завршувањето на средното образование, одвоила една година за да размисли каде да продолжи. „За време на оваа пауза, сфатив дека модата отсекогаш била мојата основна страст, нешто што ја поттикна мојата креативност уште од детството. Светот на модата во комбинација со мојата љубов кон уметничкиот израз се чувствуваше како совршен правец за мене. Откако внимателно ги разгледав моите опции, решив да ги продолжам студиите на Универзитет во Љубљана, Словенија, на факултетот за природни науки и инженерство-оддел за текстил, графичка уметност и дизајн“, објаснува Јована Гуњова.