Штип пулсира во ритамот на модата, со млади таленти и ментори
Од синоќа, Штип пулсира во ритамот на македонската мода. Во старата фабрика за џинс „Македонка“, кога се затемнија светлата, воздухот го исполни исчекувањето на модните ентузијасти, кои беа собрани за да бидат сведоци на колекциите што ги поместуваат границите и ја редефинираат елеганцијата.
Настанот го отвори ревија чија цел беше да оддаде почит на убавината на елементите на природата. Проектот Економско зајакнување на жените и девојките од Источниот регион, кој е поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinnа, а имплементиран од Здружението за заштита на работнички права Гласен текстилец – Штип, создаде парови дизајнер-ученик, кои успешно ја доловија суштината на земјата, ветерот и огнот преку хармоничен спој на висока мода и природна инспирација.
Погледнавме модели на петте парови дизајнер-студент:Александар Ношпал, ментор – Татјана Гиновска; Никола Булески, ментор – Снежана Ефковска; Катерина Тошкова, ментор – Марија Трајковска;Антонија Гугинска, ментор – Михаела Штерјова; Гере Трипков, ментор – Сара Величковска, како и седум модели кои споменатите дизајнери ги отстапија за оваа ревија.
Mоделите ќе се презентираат и на Модниот викенд во Скопје, каде што за моделите ќе има аукција, а средствата ќе одат за лица кои се од социјално ранливи категории и за проекти од областа на образованието.
Второто шоу го отворија серија ансамбли на НАНА МИНИМАЛ, а последна во агендата беше ревијата на Технолошко – технички факултет при Универзитет Гоце Делчев, под менторство на вонреден проф. д-р Сања Ристески, кои за прв пат ни ја покажаа својата нова колекција што ја доживеавме како излив на креативност и смело експериментирање. „ЕКЛЕКТИК“ беше прослава на мешање и усогласување на стилови, текстури и дезени за да се создаде уникатен и впечатлив изглед. Манекенките се прошетаа на модната писта во комбинации кои комбинираа винтиџ со урбани рабови создавајќи визуелна гозба за очите што ја маѓепса публиката.
Еден извонреден изглед се одликуваше со долг фустан и големи крилја кои доби повратни коментари од публиката како ремек дело. Ова ја покажа способноста на дизајнерите да најдат убавина во неочекувани комбинации.