Штип по 25 години има нов Генерален урбанистички план


 Дваесет и тројцата советници на денешната вонредна седница на Советот на Општина Штип ја донесоа одлуката за донесување на Генерален урбанистички план (ГУП) за град Штип, Општина Штип за плански период 2014-2029 година.

Лазар Хаџи Николов од Секторот за урбанизам на Општина Штип истакна дека Штип досега имаше Генерален урбанистички план (ГУП) донесен уште во 1999 година. Новиот ГУП за Општина Штип овозможува современ развој на градот, како и современи услови за планирање, како и донесување на нови Детални урбанистички планови. Тој посочи дека постапката за новиот ГУП траеше долги години.

-Индустријата се задржува кон периферниот дел на градот и се овозможува освен нејзината постоечката состојба и иден развој на индустријата. Планот е со опфат од 2.292 хектари и истиот по донесувањето ќе биде ставен во седум примероци и ќе биде доставен до сите релевантни институции, вели Хаџи Николов.

Посочи дека сообраќајните решенија се нови, поедноставни и се шират кон периферниот дел на градот, додека за зелените површини во Генералниот урбанистички план предвидени се со опфат од 20 проценти.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека по 25 години е изгласан новиот ГУП му носи вистински развој на градот, се заблагодари на советниците од сите политички партии, кои едногласно ја донесоа одлуката на денешната вонредна седница. Трајче Стојчевски координатор на советничката група на СДСМ посочи дека новиот ГУП претставува најважен документ за развојот на градот, а со него се очекуваат нови индустриски зони, станбен и деловен простор, како и нови сообраќајни решенија.