Штети од невремето на градинки и училишта во Центар

Службите на Општина Центар изминатото деноноќие се на терен, ги расчистуваат паднатите дрвја и гранки и на одредени локации ги санираат штетите настанати од вчерашното невреме кое го зафати Скопје.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, веднаш по невремето излезе на терен и заедно со службите, вршеше увид и помагаше при расчистувањето.
„Утринава имавме состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. Во контакт и
координација сме и со останатите надлежни институции и ги преземаме сите мерки за
расчистување на паднатите дрвја, гранки и покриви. Во текот на денот ќе се врши и проценка на
штетите од поплавите кои зафатија дел од општинските градинки и училишта и работиме на
нормализирање на состојбата“, изјави градоначалникот Герасимовски, по завршувањето на
состанокот на штабот.
До општината вчера пристигнаа многу пријави за оштетени возила, живеалишта, деловни
простори, проблеми со шахтите и сливниците и сите тие се проследени до надлежните сектори
или институции за натамошно постапување.
„Упатувам апел до граѓаните да бидат претпазливи и да внимаваат во периоди на поројни
дождови. Избегнувајте движење надвор додека трае невремето, затворете ги прозорците и
доколку во вашиот објект протекува, соодветно обезбедете го“, додаде Герасимовски.
УХМР и за денеска издаде предупредување за попладневните часови. Во Скопје денеска ќе
преовладува променливо облачно, попладне нестабилно време со пороен дожд, грмежи и
засилен ветер, а во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме, гласи
предупредувањето од УХМР.