Штедачите на Еуростандард банка: Побрзо ќе се изгради брзата пруга Скопје – Солун, отколку што ќе добиеме правда

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка ги потсетува јавноста и институциите во државата дека и по пет години откако беше затворена Банката – остануваат без пари и со ветувања – а без правда. За волкав временски период, велат тие, па и многу пократки, биле изградени Ајхеловата кула, најдолгиот висечки мост во светот Чанаккале, Емпајр Стејт Билдинг , СФРЈ ја изгради хидроцентралата „Тиквеш“, а за правдата во овој случај не е доволно ни времето ни вистината.
„На 12 август 2020 година, со одлука на Народната банка, банката што со години им служеше на илјадници луѓе – пензионери, работници, мали бизниси и локални производители – беше затворена преку ноќ. Во стечајната постапка останавме со документи, но без пари. Со ветувања, но без правда. Со институции, но без одговорност.
Цели пет години подоцна, истрагата што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал сè уште тапка во место. Пет години поминаа, а немаме ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште. Само молк. Само време што истекува. Само надеж што сè посилно бледнее. Почнуваме да се прашуваме – дали Обвинителството ја води оваа истрага за навистина да ја доведе до крај, или токму за да не ја доведе?
А да не се лажеме – за пет години светот се транформира. Франција ја изгради Ајфеловата кула меѓу 1887 и 1889 година за само две години и два месеци. Америка ја издигна Емпајр стејт билдинг во 1930–1931 година за една година и 45 дена. Турција го изгради мостот Чанаккале 1915 – најдолгиот висечки мост во светот – од 2017 до 2021 година, за четири години. Македонија, уште во времето на Југославија, ја изгради хидроцентралата Тиквеш помеѓу 1968 и 1971 година, за само три години. Денес, Тиквеш снабдува со електрична енергија над 60.000 домаќинства. За тоа беа потребни бетон, вода, струја и визија. А за правдата кај нас – очигледно не е доволно ни времето, ни вистината, ни сведоштвата, ни нашата борба.
Денес, ние прашуваме: ќе се изгради ли побрзо брзата пруга Скопје – Солун, отколку што нашите граѓани ќе дочекаат правда? Или правдата е единствениот проект што никогаш не е планиран во оваа земја?
Не го забораваме она што беше обелоденето. Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници.
На секој повик дека Здружението треба да се расформира затоа што дел од штедачите биле обештетени, со гордост одговараме: ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој внимателно испланиран криминал, единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме. И нема да замолчиме.
Ние не бараме ништо повеќе од она што секој граѓанин заслужува – вистина, одговорност и правда. А тие не можат да доцнат пет години. Затоа, денес јавно ја прашуваме државата:Што очекувате да се случи прво – градењето на новата пруга до Солун или конечно поднесување на обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра? Одговорот нека го даде Обвинителството. Одговорноста – ќе ја бараме ние. Секој ден. Сè додека постоиме, стои во реакцијата.