„Шпионите крај нас“: Уапсените Бугари во Британија се претставувале како новинари


 

Тројцата Бугари, кои беа уапсени во Велика Британија под сомнение за шпионажа за Русија, се претставувале како новинари, пренесува „Тајмс“.

Во претресите што ги изврши Скотланд јард во нивните домови беа пронајдени лажни новинарски картички и облека брендирани со логоа на популарните популарни научни канали Дискавери и Нејшенал џиографик.

Апсењето на Орлин Русев, Бисер Џамбазов и Катрин Иванова се случи во февруари, но случајот стана познат пред само еден ден поради информациите кои ги објави Би-Би-Си.

Тие треба да се појават на суд во јануари следната година, а досега се изјаснија за невини. Сѐ уште нема информации каде се приведените во можната шпионска мрежа.

Двајца од тројцата Бугари за изборите на 4 април 2021 година беа претседатели на изборните комисии во Лондон, но не биле предложени од политичките партии, туку од бугарската заедница, јави БТА. Катрин Иванова во бугарската амбасада, а Бисер Џамбазов во квартот Илинг.

Тројцата Бугари се обвинети за поседување 19 лажни документи со „непримерна намера“. При претресите нашле пасоши и документи за Велика Британија, Бугарија, Италија, Шпанија, Франција, Хрватска, Словенија, Грција и Чешка.

Според информациите на „Тајмс“, 45-годишниот Орлин Русев водел група за создавање лажни документи од куќа за гости во Норфолк. Инспекторите во неговата соба пронашле опрема за правење лажни документи.

Бугарите биле поврзани со стан во северозападен Лондон, кој се наоѓа на нешто повеќе од еден километар од воздухопловната база на РАФ Нортолт. Базата често ја користат министри, шефови на странски држави и членови на кралското семејство.

Пред еден ден бугарското обвинителство соопшти дека тројцата се под истрага за шпионажа во Бугарија од март годинава.

Бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев негираше дека ја поднел пријавата против Бугарите приведени во Лондон, како што претходно објавија БНТ и БТВ.

Не знам зошто и од кого е вмешано моето име во информацијата за наводниот сигнал. Нема ништо точно во тоа, не знам кој и зошто го измислил“, изјави Грозев за „Контракоментар“ на Асен Генов.

Непосредно пред заминувањето за Лондон, Орлин Русев беше советник во бугарското Министерство за економија и енергетика и во Бугарскиот енергетски холдинг.

Темата е централна за британските медиуми, кои ја покриваат под наслови како „Бугари осомничени за шпионажа во корист на Русија“ и „Шпионот што живее во соседството“.

Според поранешен офицер на МИ-5, Бугарите веројатно биле дел од „мрежата за поддршка“ во соодветната криминална шема, на која можеби биле соучесници, но не биле клучни фигури.

Во медиумите веќе се огласија соседите на Бугарите, кои ги опишаа како „многу фини и пријателски настроени“, често давале подароци.

Според британските закони, доколку бидат прогласени за виновни за фалсификување документи, може да се соочат со казна затвор до 10 години. Загрозувањето на националната безбедност, што вклучува шпионажа во корист на непријателска држава, се казнува до 14 години зад решетки.