Шокантен камбек на левицата во Франција, партијата на Лепен трета
Најмногу места во Парламентот ќе има левичарскиот Народен фронт, партијата на Емануел Макрон со партнерите е втора, а Националниот собир на Лепен не само што не победи туку и ќе биде трет според анкетите
Излезните анкети во Франција по вториот круг на изборите покажуваат шокантна победа за лево-зелената алијанса бидејќи крајната десница падна на третото место. Така, новиот Народен фронт (составен од социјалистите, коминистите и зелените) се предвидува да добие 172-192 места, а екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Лепен и сојузниците падна на третото место.
🔴 Résultats législatives: le Nouveau Front populaire arrive en tête avec 175 à 205 députés
➡ Le camp présidentiel obtient entre 150 et 175 sièges et le Rassemblement national entre 115 et 150 pic.twitter.com/ZlJMkZ4Dud
— BFMTV (@BFMTV) July 7, 2024
Националното собрание на Франција има 577 места, а 289 места се потребни за апсолутно мнозинство. Ова е првата проектирана распределба на седиштата според Ипсос. Таа ја прикажува левицата во водство, што е голема промена во споредба со анкетите за време на кампањата.
Лево-зелен Нов народен фронт: 172-192 седишта
Сојузниците на Емануел Макрон: 150-170 места
Екстремно-десничарски Национален собир и сојузниците: 132-152 седишта
Одѕивот на гласачите во вториот круг од француските парламентарни избори беше 59,71 отсто до 17 часот по локално време, што е драстично зголемување од соодветната бројка од 38,11 отсто на последните избори во 2022 година. Многу невообичаено, одѕивот исто така беше малку зголемен на гласањето во првиот круг минатата недела – 59,39% – што сугерира дека конечната бројка би можела да биде највисока во последните 50 години.
Ова доаѓа откако премиерот Габриел Атал ги замоли француските гласачи да застанат против екстремно десничарскиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен.
„Денес опасноста е мнозинство во кое доминира екстремната десница и тоа би било катастрофално“, рече Атал, кој може да има задача да се обиде да ја одржи преодната влада.
Гласачите тоа го разбраа очигледно. Така 22-годишниот Адриен рече дека „гласале за претседателското мнозинство“. Неговата причина: спротивставување на крајната десница.
„Потекнувам од Шпанци и Романци, така што нема шанси да гласам за таква партија“, рече тој.
Тој исто така рече дека верува оти Емануел Макрон прави „добра работа, дури и ако добива многу критики“.
Филип, постар гласач, рече дека „овие избори можеа да се избегнат“. Тој ја критикуваше одлуката на Емануел Макрон да ги распише изборите, нарекувајќи ги „губење време“. На прашањето за кого гласал, тој без многу ентузијазам покажа на постер на Хадад, сојузник на Макрон. „Го направив ова, но…“ рече тој не завршувајќи ја реченицата.
До него, друг гласач, Женвиев, се замеша: „Тој има добра репутација“.
Филип се согласи со репутацијата, но промрморе: „Тоа нема да промени многу“.
Левичарскиот сојуз Нов народен фронт реално е на пат да стане најголема сила во францускиот парламент по изборите, откако тактичкото гласање ја спречи победата на крајната десница, но формата на идната влада останува неизвесна откако ниту една група не освои апсолутно мнозинство. Центристичката групација на Емануел Макрон „Заедно“ е на второто место со загуба до 100 места, но доби повече од очекуваното. Од друга страна, ова беше историски резултат за партијата на Ле Пен – нејзиниот најголем резултат досега на парламентарни избори и зголемување од 88 места што ги имаше кога парламентот беше распуштен минатиот месец. Но, тоа е многу пониско отколку што очекуваше партијата, откако беше на врвот на гласањето во првиот круг минатата недела.
Ограничениот резултат на РН го покажа успехот на тактичкиот пакт за гласање што го спроведоа центристите и левицата за да ја задржат крајната десница подалеку од власта.Имено,повеќе од 200 кандидати од левицата и центарот се повлекоа од вториот круг минатата недела со цел да избегнат поделба на гласовите во корист на Националниот собир на Ле Пен. Тие партии ги повикаа своите гласачи да изберат кој било кандидат против Национслниот собир.
Во услови на висока излезност проценета на околу 67%, ниту една група нема да освои апсолутно мнозинство и да формира влада. Парламентот најверојатно ќе биде поделен на три блока, левица, центристи и крајна десница.Макрон, кој за време на кампањата рече дека ќе остане претседател, сега се соочува со неизвесност околу тоа како ќе се формира влада во втората економија на ЕУ.
Жан-Лик Меланшон, лидерот на радикалната левица во Националниот фронт, прогласи победа на неговиот блок и го повика Макрон да признае пораз.
„Крајната десница е далеку од мнозинството вечерва. Изборниот резултат произлезе од величествена мобилизација на гласачите. Претседателот мора да се поклони и да признае дека ова е пораз. Премиерот мора да си замине. Ние сме подготвени да владееме“, изјави Меланшон.
Франсоа Оланд, социјалист поранешен француски претседател, по првите проекции им се заблагодари на сите леви партии и на луѓето кои не се левичарски поддржувачи, но сакаа да го разјаснат изборниот резултат.
„Резултатот дава задоволство, но и одговорност“, рече поранешниот претседател.
Екстремно десничарската политичарка Марион Марешал на BFMTV рече дека ова Национално собрание не го претставува она што го мисли францускиот народ. Џордан Бардела од екстремно десничарскиот Национален собир им се заблагодари на гласачите кои го поддржаа велејќи дека надвладеале „нечесноста и опасните сојузи“. „Овие сојузи ја ставаат Франција во рацете на екстремната левица“, рече лидерот на крајната десница.
Францускиот претседател Емануел Макрон „ќе го чека структурирањето на новото Национално собрание пред да ги донесе потребните одлуки“, се вели во соопштението за печатот од Елисејската палата.
Изборите се одржаа во услови на тензија откако Макрон ја шокираше сопствената влада и партија со распишување предвремени избори на 9 јуни, откако неговите центристи беа поразени од екстремната десница на европските избори.