Шкариќ: Изборните дејствија мора да продолжат веднаш по завршувањето на вонредната состојба


Уставниот суд може да ги прогласи изборите што би се одржале надвор од рокот од 60 дена за неуставни, вели професорот по уставно право. А Владата може да ја смени ДИК ако прави пречки за спроведување на изборите

 

Професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, е дециден дека изборните дејствија за предвремените избори треба да продолжат по автоматизам веднаш штом ќе престане вонредната состојба. „Доколку претседателот на републиката одлучи да не воведува нова вонредна состојба во истата секунда продолжуваат изборните дејствија онаму каде што застанаа“, изјави Шкариќ денаеска во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ во разговорот со Сашо Орданоски.

На прашањето на Орданоски зошто се тогаш овие разговори на лидерите кај шефот на државата, Шкариќ одговори: „Добро е што лидерите разговараат кај Пендаровски, но тие немаат никакво правно дејство врз изборните процеси. Во овој случај треба да се почитува Уставот и уредбата со законска сила што Владата ја донесе на 21 март 2020 година“.

Според професорот, досега се досега се поминати 32 дена од изборните дејствија. „По престанокот на вонредната состојба остануваат уште 28 дена додека се наполни рокот од 60 дена што ги предвидува уставот. Уставот е дециден – во рок од 60 дена треба да се одржат предвремените парламентарни избори“, вели Шкариќ.

Доколку во тој рок не се одржат изборите и се пробие рокот, потенцира Шкариќ, Уставниот суд може таквите избори да ги прогласи за неуставни. „Уставниот суд тоа најверојатно ќе го направи и тоа е најголемата опасност“, вели Шкариќ.

Затоа, според него, разговорите на лидерите кај претседателот имаат политичка тежина, но не смеат да имаат пресудна правна консеквенца. „Правната консеквенца произлегува од уставот и уредбата. Таа е нов изборен законик. Нема да има политички консеквенци за ваквата одлука – треба да се следи правниот пат“, вели професорот.

На прашањето на Ордановски, дали тој рок може да го пробие Државната изборна комисија (ДИК), Светомир Шкариќ одречно рече дека – не може. „ДИК не е надлежна да одлучува. Владата со нова уредба може и да ја смени ДИК ако прави пречки. ДИК е должна да го спроведува законот, во овој случај уредбата. Со уредбата со законска сила Владата може да ги промени сите одредби од Изборниот закон што се пречка за остварување на превремените парламентарни избори, па во тој контекст да ја смени и ДИК“.

Професорот Шкариќ нагласи дека Владата треба да го има изработено новиот модел како ќе се гласа, како ќе се пристапи до избирачкото место, каков состав ќе имаат избирачките тела (ако Владата оцени дека тие се гломазни таа може да го редуцира нивниот број), како ќе се бројат гласовите… „Сето тоа Владата со здравствените власти треба да го уреди и да го стави во нова уредба или да ја надополни постојната. Тој модел ќе влезе во сила и веројатно ќе биде паралелен модел сѐ додека корона вирусот е застрашувачка епидемија“, вели професорот.

Светомир Шкариќ уште нагласува дека во вонредни услови мора да имаме чувство за ред и дисциплина. „Вонредна состојба бара вонредни мерки и тоа мора да го сфатат сите органи“. (Н.В.)