Шимпанзата кога се болни јадат лековити растенија


Научниците тврдат дека дивите шимпанза јадат растенија кои им ја ублажуваат болката и кои имаат антибактериски својства за да се излечат, пишува Би-би-си.

До овој заклучок дошло со „детективска работа“ во шумите во Уганда, каде биле набљудувани животни кои изгледале повредени или болни, а целта била да се утврди дали се лекуваат со помош на растенија.

Кога повреденото животно барало нешто специфично во шумата за јадење, истражувачите собрале примероци од тоа растение и направиле анализа. Повеќето од анализираните растенија всушност имале антибактериски својства. Научниците сега веруваат дека токму шимпанзата можат да им помогнат на луѓето во потрагата по нови лекови.

„Не можеме да анализираме сè во овие шуми за лековити својства, но можеме да ги тестираме растенијата што ги бараат шимпанзата“, вели водечкиот истражувач д-р Елоди Фрејман од Универзитетот во Оксфорд.


Во текот на изминатите четири години, таа помина неколку месеци следејќи и набљудувајќи две заедници на диви шимпанза во Централниот шумски резерват Будонга. Барала знаци на болка, т.е. животните куцаат или го држат своето тело на необичен начин. Таа и нејзините колеги потоа собраа примероци од столицата и урината за да проверат дали има знаци на болест или инфекција. Посебно внимание посветувале на шимпанзата кои бараат нешто што вообичаено не го јадат, како што е кората од дрвото или овошната кожа.

„Баравме нови растенија кои би можеле да имаат лековити својства“, вели д-р Фрејман. Таа опиша едно шимпанзо со тешко повредена рака.

„Тој не ја користеше раката кога одеше, куцаше. Исто така, тој беше единствениот што бараше папрат да јаде”, рече таа.

Научниците го анализирале папратот, растение наречено Christella parasitica, и откриле дека има антивоспалителни својства. Тие собраа вкупно 17 примероци од 13 различни видови растенија и ги испратија на анализа кај доктор Фабиен Шулц во Германија. Откриено е дека речиси 90 отсто од екстрактите го инхибираат растот на бактериите, додека третина имаат природни антиинфламаторни својства. Ова значи дека тие можат да ја намалат болката и да го поттикнат заздравувањето.


Сите повредени и болни шимпанза вклучени во студијата целосно закрепнаа, вклучително и мажјакот со повредената рака кој почна да ја користи по неколку дена.

„Секако, не можеме да бидеме 100 проценти сигурни дека овие случаи се директен резултат на потрошувачката на споменатите ресурси, но сепак го нагласуваат медицинското знаење кое може да се стекне со набљудување на другите видови во дивината, како и итната потреба да се зачуваат „шумските аптеки“ за идните генерации“, заклучи д-р Фрејман.