Шилегов: Во моментов се работи на две улици, метежот е надминат


Фото: Б. Грданоски

 

Во моментов се работи на две улици, тоа е улицата за влез во Скопје „Александар Македонски“ и „8 Септември“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, при денешното отворање на стационарот „Лајка“, прашан за метежот во сообраќајот во главниот град, кој се створи заради паралелна реконструкција на неколку коловози околу центарот.

– Другите улици викендов ги завршивме, како „11 Октомври“, „В. С. Бато“, „Васил Ѓоргов“, „Џон Кенеди“ е завршена… Освен „11 Октомври“, улица која очекувам за 15 дена да биде завршена и „8 Септември“, сите други се проодни – вели Шилегов.

Улицата „11 Октомври од Собрание до Црвен крст, викендов беше асфалтирана и обележана и е проодна за сообраќај. Остануваат да се реконструираат велосипедските патеки и тротоарите.

Фото: Б. Грданоски

„За влезната улица во Скопје, јасно е дека ќе се ствара метеж, но не постои начин да се избегне тоа. Метежот е само на релација Центар-Маџари“, додаде градоначалникот.

За автобусите вели дека правилото е исполнетоста да биде 75 отсто. Односно ако собира автобусот 100 луѓе, во него треба да има 75, кои би биле безбедни, секако, доколку носат маски и држат дистанца.

Шилегов најави и дека ќе го сменат потполно изгледот на кејот од „Холидеј Ин“ до плоштад „Македонија“, со ново партерно и хортикултурно уредување.