Шилегов: Улиците по нови стандарди, со пешачки и велосипедски патеки
Градот Скопје воведува нови стандарди во работењето при изградба и
реконструкција на улиците кои вклучуваат широки тротоари и велосипедски патеки на булеварите 11. Октомври, 8. Септември, на Партизански одреди, Даме Груев и други улици, најави денес градоначалникот Петре Шилегов.
– Мојата идеја е дека во следните две децении нашиот град треба да стане
град со одржлив развој, град во кој надвор од автомобилскиот, секако
мора да имаме соодветна инфраструктура и на алтернативниот сообраќај,
пред се на велосипедскиот и на пешачкиот, како стандарди на коишто јас
со граѓаните зборував во текот на мојата изборна кампањаи тие сакаат да ги применуваат. Ова е стандардот што веќе го работиме, гледате дека и центарот добива сосема нов лик и Скопје чекор по чекор станува онаков град каков што јас, меѓутоа и граѓаните на Скопје го замислуваме, а скопјани го заслужуваат – кажа Шилегов.
На булеварот 11. Октомври, на потегот од булеварот Кочо Рацин до улицата
Стив Наумов (Филип Втори Македонски) покрај коловозот се реконструирани и
тротоарите и велосипедските патеки согласно со најновите стандарди за
одржлива урбана мобилност. Велосипедската патека и тротоарот се доволно
широки и физички одвоени со жардинјера со средишно зеленило или со дрворед
за кои е поставен систем за наводнување капка по капка.
Велосипедската и пешачката патека од коловозот се одвоени со заштитни
столпчиња што дополнително ја зголемува безбедноста на пешаците и
велосипедистите. За пешачките патеки исфрлени се од употреба плочките што
брзо се оштетуваат и користен е печатен бетон кој е поотпорен како материјал и
како таков поволен за пешачење.