Шилегов почна да ги руши галиите, за ВМРО-ДПМНЕ тоа е предизборен маркетинг


Првата од трите галии во коритото на Вардар, почна да заминува во историјата !!! Скопје, една поинаква приказна!, напиша денеска на Фејсбук скопскиот градоначалник Петре Шилегов и сподели фотографии од уривањето.

Од друга страна, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ова е „чист предизборен маркетинг на Петре Шилегов. Четири години е градоначалник и две работи по кои ќе биде запамтен е рушење на галијата и засадување на едно сиромашно дрво“.

Инаку, во април годинава почна рушењето на една од галиите на реката Вардар кај хотелот „Холидеј ин“. Галијата ја отстрануваа екипи од ЈП „Улици и патишта“, а договорот со сопственикот беше раскинат поради тоа што не плаќал кирија од 64.999 денари четири месеци, но отстранувањето беше запрено.

Бугарскиот инвеститор веднаш потоа изјави дека немаат долг кон Град Скопје и дека нема судска одлука за рушење. Со галијата управува бугарски инвеститор – фирмата „Сервис Емус“ АД Скопје, а управителот Жарко Миленкоски тврдеше дека бродот е изграден со пари од приватен инвеститор државјанин на Бугарија.

Потоа во јуни Шилегов објави дека ќе продолжи со уривањето на галијата во реката Вардар и дека ја добил битката на суд со што една од трите галии ќе биде урната.

Во интервју на ТВ21 Шилегов ја објасни постапката и дека жалбата која ја поднеле до судот била уважена, а една од галиите ќе се дислоцира.

На објавата на Шилегов за рушење на галијата има различни коментари на Фејсбук, од поддршка, објаснета со тоа дека галиите претставуваат опасност, затоа што Вардар може да го поплави градот, до гнев и неодобрување, затоа што тие добро изгледале и вате и надвор.

Некои прашуваа и дали не може материјалите од кои се изградени галиите да се реупотребат, со оглед на тоа што на фотографиите се гледа дека штиците се кршат и она што ќе остане ќе биде само градежен шут.