Шилегов најави отворање на новиот мост во Аеродром за еден месец
Привршуваат градежните работи на новиот мост на булевар АСНОМ, кој според планот се отвора за употреба во текот на наредниот месец. Мостот е веќе споен по интензивните градежни работи од двете страни на реката Вардар.
Скопје по повеќе децении добива нов мост кој овозможува брза врска на најнаселената општина во Скопје, Аеродром, со Гази Баба, преку централното градско подрачје. Со новиот мост се зголемува функционалноста и динамиката на движење, се олеснува сообраќајниот метеж, а Скопје и скопјани на располагање добиваат безбедна врска за движење низ трите општини.
Мостот на булевар АСНОМ се изведува во согласност со сите современи стандарди за изградба и е граден со најквалитетни материјали.
„Кога зборуваме за функционален и поврзан град, зборуваме за нови мостови. Во Скопје два мостови истовремено не се граделе со децении. Едниот го завршуваме есенва, а другиот штотуку го започнавме. Вардар нема да го дели Скопје, туку ќе го спојува“, вели градоначалникот Шилегов.
Новиот мост има шест коловозни ленти, со енергетски ефикасно ЛЕД улично осветлување, како и тротоари и нови патеки за велосипедистите и корисниците на алтернативни средства на сообраќање. На новопробиениот булевар и на мостот се воведуваат и нови линии на ЈСП, а дополнително булеварот ќе го краси и дрворед, кој ќе биде засаден од двете страни.