Шилегов на судењето за „Пулс“: Сопрете ја постапката – ако за полицајците нема постапка, утврдете за кој може да има
Адвокатот Петре Шилегов денеска побара од Јавното обвинителство во предметот „Пулс“ да ги преиспита наводите и да ја запре постапката за дел од обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Тој посочи дека за истата кривично-правна квалификација дел од обвинетите се ослободени од постапка, додека за други таа продолжува, пишува 360 степени.
Шилегов, кој го застапува поранешниот советник во Министерството за економија, Шофкет Хазари, се повика на брифингот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од петокот, каде беше соопштено дека постапката за седум полициски службеници е запрена. Како што беше наведено, тие биле овластени да вршат проверки за јавен ред, мир и безбедност во сообраќајот, но не и инспекции за противпожарна заштита или минимално-технички услови за угостителска дејност, па нивните дејствија не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со пожарот во „Пулс“.
„Го замолувам Јавното обвинителство да го преиспита својот став. Ако за полицајците не може да биде поведена постапка за загрозување на општата сигурност, треба да се утврди за кои лица може да се води постапка. Судскиот процес е исклучително скап и неекономичен, еден ден судење чини околу 150.000 евра“, изјави Шилегов.
На неговиот предлог се приклучија и бранителите на другите обвинети.
Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со петчлениот судечки совет, изјави дека Судот го следи брифингот на ОЈО ГОКК и ја побарал одлуката, но додаде дека додека не ја добие, судењето ќе продолжи. Јавниот обвинител Борче Јованов посочи дека тие сè уште немаат увид во одлуките на ОЈО ГОКК и дека во оваа постапка не се опфатени полициски службеници.
ОЈО ГОКК во петокот поднесе три обвиненија против 25 полициски службеници поврзани со настаните во кабаре „Пулс“ во Кочани на 16 март, при што загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени. Дел од полициските службеници се обвинети за тешки дела против општата сигурност, а дел за злоупотреба на службената положба. За седум полициски службеници истражната постапка е запрена, а нивните дејствија во периодот 2012–2018 година се препратени на надлежно постапување во ОЈО Кочани.