Шилегов ја мерка зградата на ЕВН за градска куќа


На градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, му се допаѓа идејата градската куќа да е на плоштад, можеби и зградата на ЕВН, па веројатно токму затоа почна да го средува партерниот дел од плоштадот пред ГТЦ.

– Најискрено не можам да знам кој ќе се пријави бидејќи ние ќе се обидеме да ја продадеме Градската куќа. Кој ќе се пријави на таа постапка, не знам – рече Шилегов на вчерашната прес-конференција.

– Ми се допаѓа идејата дека Градската куќа треба да биде во централното подрачје, на плоштад. Тоа е стандард во светот. Ако беше таа локација толку атрактивна, како што се обидуваат да покажат изминативе денови опозиционерите, зошто не го подучија Сашо Мијалков да го направи таму хотелот, а на местото на „Мериот“ да ја имавме градската куќа – рече Шилегов.

Тој сепак додаде дека не знае дали ќе успеат да ја продадат Градската куќа.

– Она што знаеме е дека не е местото на Градот Скопје да биде фрлен некаде на страна. Сега се наоѓаме на страна, а тоа било дефинирано како привремено решение 1965 година. Често знам да кажам дека, за жал, изминативе 30 години за Скопје немало целосна грижа. Криво ми е што неколкуте локации што беа слободни на плоштадот не беа искористени за да се направи навистина добар, репрезентативен објект за нашиот град, како што е секаде во светот, посочи Шилегов. Додаде дека така е во Софија, Тирана, Подгорица, Љубљана, каде што градските куќи уште од времето биле поставувани на централно место.

Прашан зошто Градот потрошил 3,2 милиони евра во довршување на Градската куќа кога сака да го продава, Шилегов рече дека објектот требало да се заврши бидејќи бил обврзан со договор во јавна набавка. (Б.Б.)