Шилегов: Гасот да се користи за затоплување во Ѓорче Петров, Сарај, Шуто Оризари…


Градоначалникот Шилегов денеска учествуваше на панел дискусијата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина“ што се одржуваше во хотелот „Холидеј ин“, во организација на Институтот за комуникациски студии, а во рамките на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Како градоначалник на Град Скопје, но и како претседател на ЗЕЛС, Шилегов пред присутните владини претставници, експерти од областа на климатските промени и енергетиката и претставници од компании и невладини организации, зборуваше на темата „Дали гасификацијата на градовите ќе го намали аерозагадувањето?“.

Тој потсети дека во текот на минатата година ја завршиле секундарната мрежа, односно гасоводниот прстен околу Скопје.

– Кога зборуваме за енергенсите, особено кога зборуваме за природниот гас, најчесто зборуваме само за затоплување на домовите, иако тој енергенс може да се користи за сите енергетски потреби. Основните карактеристики на овој енергенс е дека во најмалку 20 отсто е помала емисијата на штетните гасови во однос на другите горива, речиси воопшто го нема сулфурот како нус продукт и е енергетски ефикасен. За нас како град сега е многу битно да влеземе во процесот на терцијална гасификација, односно, достапност на гасот до домаќинствата – рече Шилегов.

Тој додаде дека треба да имаме предвид дека дел од производствените и индустриските капацитети се префрлени на природен гас, а префрлени се и сите топлани во нашиот град.

Претпријатието „Градски енергетски системи“ формирано од Градот, правен субјект кој претендира да биде носител на енергетската политика на градот, и тоа во двата сегмента – во развојот на топловодната мрежа и нејзиното проширување и во развојот на гасификациската мрежа.

– Во градот има три топловодни мрежи кои опфаќаат делови од Центар, Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Гази Баба и Бутел, но се неспоени. Тоа е предизвик кој допрва ни претстои. Има и делови од општините Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода, како и општините Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Сарај каде што е економски неисплатливо да ја прошируваме топловодната мрежа и токму во тие делови треба да навлеземе со терцијалната гасификација. Станува збор за густо населени подрачја каде што има индивидуално домување. Со централната власт не секогаш имаме синхронизирани ставови. Градот Скопје е на став дека терцијалната гасификација мора да ја води градот и за нас јавно-приватно партнерство не е прифатливо. Искуствата кои ги имаме на Балканот зборуваат дека при јавно-приватно партнерство се бара поврат на инвестицијата во првите десет години, а првите десет години не се инвестициски циклус. Ако Градот Скопје или единиците на локална самоуправа не се креатори на енергетските политики може да ни се случи развојот на гасификацијата да се одвива во делови каде што веќе имаме топловодна мрежа. Тоа би бил поевтиниот начин за развој на гасификацијата, но погрешен начин, ако се има предвид дека како држава би требало да ни биде приоритет намалувањето на аерозагадувањето и доведувањето на евтин енергенс до што е можно поголем број корисници – нагласи градоначалникот Шилегов на денешната трибина.