Шилегов: Дали било однапред планирано Зоолошка да стане кланица?


Фото: Б. Грданоски

Екс-градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов се осврна на скандалот со Зоолошката градина во Скопје каде вчера таму беа затекнати неколку вработени како касапат коњи. Поради тоа МВР лиши од слобода 5 лица, четворица вработени и едно надворешно лице, а против нив и директорот на Скопје ЗОО, Кристојан Стаменов,  поднесе кривични пријави.

„Во буџетот на Град Скопје за 2021 година беа предвидени и исплатени околу 7.000.000 денари за функционирањето на Зоолошка. Тоа се средства кои се исплаќаат за да може Зоолошка нормално да функционира и нормално да се врши набавка за храна за животните. Во буџетот за 2022 за Зоолошка се предвидени 2.500.000 денари. Дали за Зоолошка однапред било планирано да стане кланица?- прашува Шилегов реагирајќи на драстично намалениот буџет за Зоолошката од страна на неговата наследничка Данела Арсовска.

Скопската градоначалничка синоќа по избивањето на скандалот експресно го разреши директорот Кристијан Стаменов и од Град Скопје соопштија  дека „се оградуваат од индивидуално преземените дејствија на директорот“.

За колежот реагираа и од Анима Мунди:

„Згрозени сме од вчерашните настани во Зоолошката градина во Скопје. Свирепо убиство на 16 копитари (искористувани, мачени цел живот; меѓу нив и млади ждребиња) е надвор од сите законски прописи и правилници е нешто што не е одлика на нормална држава, туку примитивно племе! Монструозната одлука на сега поранешниот директор Кристијан Стаменов е нешто невидено, нечуено и нешто што не смее да се случи во една јавна институција.
ЗОО Скопје не е кланица, животните не се живи експонати!- стои во реакцијата на оваа невладина организација.
 

Инаку, колењето на десетте коњи и мазги за да се хранат месојадните животни е практика досега невидена во Зоолошката градина, која треба да има образовна улога и да ги учи децата да ги сакаат животните. По оваа логика испаѓа дека можело да се случи еден ден да се колат едни видови животни во градината за да се нахранат други.

Втора работа е што директорот на ЗОО Скопје се што кажа во своја одбрана беше невистина и што успеал да прекрши не еден, туку четири закони во државата, за што може да добие висока парична, но и затворска казна.  Тој не само што извршил монструозен чин, поради кој некој од вработените завршил на ургентно од стрес, туку се што правел, правел надвор од процедурите и практиката во оваа институција, а сега треба да одговараат и четири вработени кои добиле наредба да учествуваат во масакрот врз коњите. 

Оваа случка е само илистрација како ВМРО-ДПМНЕ во ликот на Данела Арсовска планира да управува со институциите во државата и да ги решава проблемите. Скопјани уште се сеќаваат на масовните труеја на кучињата низ градот, наводно од несовесни граѓани кои магично престанаа кога оваа партија ја изгуби власта во Скопје и во општините. Скопјани исто така се сеќаваат како Дрисла, место да ги спасува еколошки работела за профит и увезувала дури и опасен отпад заработувајќи милиони евра. Иако експресно го разреши директорот Стаменов Арсовска треба да излезе на јавноста и да објасни по кои критериуми тој бил избран на функцијата и како се случил овој монструозен и нецивилизациски настан.  И како можела толку да не знае што се случува во оваа институција откако таа треба да води грижа за неа.