Шест жртви на дождовите во Шпанија


Рекордните врнежи од дожд однесоа уште два животи во југоисточна Шпанија а бројот на жртви од големите поллави се искачи на шест, соопштија властите во саботата.

Тимовите за итни случаи успеаја да спасат илјадници луѓе за време на невремето што оваа недела ги зафати медитеранските крајбрежни региони Валенсија, Мурсија и источна Андалузија. Локалните власти соопштија дека некои градови биле погодени од најголем дожд досега. Невремето принудно ги затвори аеродромите во Алмерија и Мурсија, како и меѓуградските железнички линии, главните патишта и училиштата, јавија агенциите.

Премиерот Педро Санчез во саботата со хеликоптер ги обиколи поплавените области.

Метео-службата на Шпанија го намали предупредувањето за дожд од „екстремна опасност“ на „ризик“.

Некои жители заробени од поплавите имаа застрашувачки бегства. Имаше спасувања со хеликоптер од покриви на згради опкружени со вода. Четири лица беа заглавени на покривите на автомобилите сè додека не пристигна помош со брод и џет ски. 

Министерството за внатрешни работи информираше дека 3.500 луѓе се спасени од поплавите.  Полициските службеници и тимовите за итни случаи имале помош од 1.000 војници.