Шест дена „храна за душа“: Саемот на книги од 8 до 14 мај во „Борис Трајковски“

Најавени на над 65 издавачки куќи и повеќе од 110 промоции и средби со автори


„Храна за душа“ е слоганот на 37. издание на Саемот на книгата, кој и оваа година ќе се одржи во Aрената Борис Трајковски во Скопје, во периодот од 8 до 14 мај. Во текот на седумте саемски денови посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори, да бидат дел од промоциите на нови дела и подобро да се запознаат со издавачите и насловите претставени во рамки на Саемот.

Отворањето на вратите на Саемот на книга 2025 е закажано за 8 мај од 10 часот, додека официјалното отворање на Саемот ќе се одржи на 8 мај во 12 часот со обраќање на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Како што на телото му е потребна здрава храна, така и на умот му е потребна здрава мисла за правилно да функционира. А книгите ја имаат уникатната моќ да ни ја нахранат душата. Оттаму и доаѓа инспирацијата за овогодинешниот слоган „Храна за душа“, кој уште еднаш потенцира дека Саемот е место на инспирација, на нови идеи и место каде што секој може да го засити апетитот за нови знаења, возбудливи светови и добри книги.

Посетителите на Саемот ќе добијат можност да се запознаат со македонски и странски автори, да ја разгледаат богатата понуда на книги, енциклопедии, збирки и прирачници, како и да слушнат нешто повеќе за актуелната состојба на пишаниот збор преку панел-дискусиите со значајни имиња од оваа област.

Љубителите на модерната литература ќе уживаат во дружењето со популарниот германски писател Себастијан Фицек, кој е еден од најважните современи автори во неговата земја и општо во Европа. Како и секоја година, организирани се и голем број активности за најмладите љубители на книгите. Викендот на 10ти и 11ти мај е предвидена богата програма со маскоти, едукативни и креативни работилници, забава и многу други активности кои ќе им ги отворат видиците на најмладите. Родители, запомнете: 10ти и 11ти мај се деновите кога Саемот сјае со најмногу магија.

Саемот и оваа година ќе понуди богата седумдневна програма со учество над 65 издавачки куќи од земјата и регионот, национално претставување на Р. Србија преку Министерството за култура на Србија и учество на Амбасадата на СР Германија.

Во седумте саемски денови најавени се рекорден број промоции, односно повеќе од 110 промоции и средби со автори во Промо центарот и на штандовите на изложувачите, а се очекува бројот на посетители да се искачи над 30.000, од кои околу 12.000 ученици.

Хуманите и општествено одговорни иницијативи остануваат дел од Саемот на книга и оваа година, а во истиот дух ќе продолжи и соработката со СОС Детското Село. Со секоја купена влезница Саемот на книга ќе донира 15 денари на СОС детското село.

Саемот на книга е прогласен за проект од национален интерес во културата од страна на Министерството за култура и туризам. Тој ќе се одржи во Арената Борис Трајковски во Скопје и ќе трае од 8 до 14 мај.

Вратите на Саемот ќе бидат отворени секој ден помеѓу 10 и 20 часот, а последниот ден од 10 до 18 часот, а цените на влезниците се исти како и минатата година: редовна влезница – 100 денари, влезница за организирани посети на ученици – 50 денари/по ученик, влезница за три посети на саемот – 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години кои се во присуство на родител.