Шерлок Холмс се врати во Скопје!


Меѓународниот ден на Шерлок Холмс, што се прославува во светски рамки во чест на роденденот на авторот Артур Конан Дојл (22 мај 1859 – 7 јули 1930), беше одбележан и во Скопје. Во рамките на новиот фестивал за литература и општа култура – „Видик“, вчеравечер (22 мај), во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, се одржа тематскиот интерактивен настан за фанови, „Враќањето на Шерлок Холмс“.

На настанот беше претставена новата едиција „Шерлок Холмс“ во издание на „Арс Ламина“, која содржи девет новопреведени наслови („Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Баскервилскиот пес“, „Долина на стравот“, „Авантурите на Шерлок Холмс“, „Мемоарите на Шерлок Холмс“, „Враќањето на Шерлок Холмс“, „Пред да падне завесата“, „Архивата на Шерлок Холмс“), кои имаат нов дизајн на корици од илустраторката Александра Софрониеска. Исто така, беше претставен и серијалот „Шерлок Холмс за деца“, со десет книги адаптирани за најмладите читатели.

За својата лична и професионална конекција со Шерлок Холмс на настанот зборуваа: Александра Софрониеска, преведувачот Игор Котески, уредничката од „Арс Ламина“ – Надица Фирфова и Андријана Ѓорѓевска, која стои зад популарниот профил на социјалните мрежи, „Девојката на Шерлок Холмс“.

Кориците нацртани од Александра Софрониеска му даваат нов визуелен идентитет на серијалот, доближувајќи го Холмс до новите генерации читатели. Корицата за една од првите книги во оваа едиција, „Баскервилскиот пес“, го освои првото место во категоријата за оригинален дизајн на корица, на доделувањето признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) во рамките на Саемот на книгата минатата година. 
– Тоа што сум долгогодишен фан на Шерлок ме натера и посериозно да навлезам во проектот, а и повеќе да уживам во процесот на дизајнирање. Задоволството кога стигнавме крајниот резултат да го видиме во печат е уште поголемо. Драго ми е дека конечно имаме нов превод на целосната едиција на приказните со Шерлок Холмс, кои убаво спакувани се надевам дека ќе стигнат и до нова читателска публика. За мене, ова објавување значи многу и на лично и на професионално поле…  – рече Софрониеска.

Игор Котески, кој е дипломиран филолог на катедрата по англиски јазик и книжевност (отсек превод и толкување), стои зад преводите на две книги од едицијата за возрасни и четири од изданијата за деца.
– Преведувањето на книгите од едициите за Шерлок Холмс претставуваше огромен предизвик поради раскошниот и виртуозен раскажувачки стил на Артур Конан Дојл како еден од најистакнатите автори во историјата на детективската литература. Истовремено беше вистинско задоволство, поради личниот афинитет кон Шерлок Холмс како лик. Омилена од книгите за Шерлок ми е „Баскервилскиот пес“, но можеби поинтересна беше работата на „Студија во скарлетна боја“ поради нејзината важност како прво дело од опусот за ексцентричниот Шерлок. Притоа, преведувањето на „Студијата во скарлетна боја“ за мене претставуваше прв професионален контакт со делата за Шерлок Холмс и, бездруго, чувствував обврска да создадам читлив и современ превод што во голема мера ќе ги задржи особеностите на оригиналот и што ќе ги поттикне читателите да продолжат да го истражуваат возбудливиот свет на Шерлок – рече Котески.

Во едицијата „Шерлок Холмс за деца“ се застапени следниве наслови: „Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Синиот гранат“, „Марамата со точки“, „Сојузот на црвенокосите“, „Велепоседниците од Рајгејт“, „Поморската спогодба“, „Вампирот од Сасекс“, „Дамата со превез“ и „Тројцата студенти“. Познатите книги од авторот Артур Конан Дојл се адаптирани за помладата публика од страна на Стефани Бодет. Уредничка на изданијата во превод на македонски јазик е Надица Фирфова.

На настанот се појави и маскиран Шерлок Холмс, поделувајќи неколку интересни факти поврзани со овој феномен, потсетувајќи дека и 137 години по објавувањето на првата книга сѐ уште е актуелен и е инспирација за сите сфери на поп-културата и книжевноста.

Програмата на фестивалот „Видик“ вечерва (23 мај), во 20 часот, во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, продолжува со изведба на монодрама „Железно небо“ од популарниот битолски стендап-комичар Марјан Георгиевски. Тој ќе ја претстави и својата книга „Железно небо“, која е во издание на „Арс Ламина“. Утре, во чест на Денот на сесловенските просветители – светите Кирил и Методиј (24 мај, петок), во 21 часот во „Литература.мк“, „Дајмонд“, ќе се одржи настанот „Џез на кирилица“, со еден од најнадежните македонски џез-состави „Мојра“Групата настапува во состав: Јасна Трпкова, Дарко Јованов, Зоран Павлоски, Павел Ренџов и Петар Христов.