„Шел“ ќе плати две милијарди долари данок на екстра профит на ЕУ и на Велика Британија
Енергетскиот гигант „Шел“ откри дека ќе плати две милијарди долари данок на екстра профит во Велика Британија и ЕУ за последниот квартал од 2022 година. Според проценката на компанијата, за даноци во светот во претходниот квартал биле издвоени меѓу 4,3 и 4,7 милијарди долари, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Компанијата им соопшти на инвеститорите во петокот дека ќе оствари помала добивка во последниот квартал од минатата година поради зголемениот данок во Обединетото Кралство на добивката на енергетските компании и дополнителните даноци на ЕУ.
Енергетскиот гигант, исто така, откри дека трговијата со хемикалии во последниот квартал на 2022 година се очекува да биде „значително помала“ во споредба со претходниот квартал.
Како што додава концернот, производството на природен гас (ЛНГ) во четвртиот квартал беше под влијание на големите прекини во две фабрики во Австралија.
Се очекува групацијата да ги објави целосните резултати за деловната 2022 година на почетокот на февруари, пренесува ДПА.
Владата во Лондон минатиот мај воведе данок на вишокот профит на нафтените и гасните компании. Првично беше 25 отсто, но државниот канцелар Џереми Хант го зголеми данокот на 35 отсто во новата година. Данокот ќе се применува до 2028 година, пренесува СЕЕбиз.
Во светлината на енергетската криза, ЕУ неодамна усвои регулатива со која, меѓу другото, се воведува таканаречениот придонес за солидарност што го плаќаат компаниите од секторите на нафта, гас и јаглен. При пресметувањето на придонесот се зема предвид оданочливата добивка во фискалната 2022 и/или 2023. Доколку е за најмалку 20 отсто повисока од годишниот просек по 2018 година, придонесот ќе изнесува најмалку 33 отсто од вишокот.
Целта на регулативата на ЕУ е да се оданочат компаниите кои остваруваат вишок профит на сметка на настани кои инаку немаат никаква врска со нив, во овој случај на сметка на руската инвазија на Украина, која ја предизвика енергетската криза во Европа, или голем скок на цените на енергијата.
Американскиот нафтен гигант „Ексонмобил“ ја тужи Европската унија поради споменатата регулатива. Како што тврди концернот, новиот данок ќе ги чини повеќе од две милијарди долари.
Инаку, како што пишува британскиот бизнис магазин „Бизнис метерс“, „Шел“ ќе плати данок во Велика Британија за прв пат по пет години. Ова доаѓа оттаму што во тој период „Шел“ тврдел дека поради тоа што компанијата направила големи инвестиции во Велика Британија, не остварила профит во земјата и затоа не била обврзана да плаќа даноци. „Шел“ не објаснил како ќе се поделат 2 милијарди долари од нејзината заработка во последните месеци од 2022 година меѓу Велика Британија и ЕУ.
Според магазинот, фирмите биле во можност да го намалат износот на данокот што го плаќаат земајќи ги во предвид загубите или поради трошоци за работи како што е деактивирање на нафтените платформи во Северното Море. Тоа значеше дека во последниве години, компаниите како БП и „Шел“ плаќаа малку или воопшто не плаќаа данок во Обединетото Кралство.
Енергетскиот профит, исто така, има мерка што им овозможува на енергетските компании да аплицираат за даночни заштеди во вредност од 91 пени од секоја 1 фунта инвестирана во екстракција на фосилни горива во Велика Британија.
Сепак, постојат и стравувања дека воведувањето построги даноци за нафтените и гасните компании би можело да ги одложи плановите да инвестираат во обновливата енергија во Велика Британија.
И покрај тоа што мора да плаќа повисоки даноци, „Шел“ останува на вистинскиот пат за остварен годишен профит за 2022 година, откако објави профит од 30 милијарди долари за првите девет месеци од минатата година.
Компанијата соопшти дека очекува да плати меѓу 4,3 и 4,7 милијарди долари глобални даноци во последните три месеци од 2022 година.
Ривалот БП рече дека ќе плати 800 милиони американски долари данок за неочекувани приходи за 2022 година.
Компанијата треба да ги објави своите целосни резултати за финансиската 2022 година на 2 февруари.