Шекеринска: Северна Македонија ќе учествува на сите сензитивни дискусии во НАТО
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, пред почетокот на министерскиот состанок на земјите членки на НАТО за одбрана попладнево порача дека Северна Македонија ќе учествува на сите дискусии кои ќе се водат овие два дена во Алијансата, вклучително и најсензитивните.
-Ова е втор пат како министерка за одбрана да бидам присутна на состанокот за одбрана на НАТО. Фактот дека и ние седиме на иста маса, дека ние практично го делиме генералниот секретар од секретарот за одбрана на САД покажува дека Северна Македонија не е веќе само партнер, како сите овие години туку дека стануваме сојузник, за нас не се затвораат веќе вратите кога треба да се разговара за сензитивни прашања, и ние учествуваме со наши ставови, изјави за новинарите министерката Шекеринска.
На министерскиот состанок една од главните теми ќе биде прекршувањето од страна на Русија на нуклеарната повелба за ракети од среден дострел. Русија има до 2 август да се усогласи со повелбата, во спротивно земјите членки ќе преземат мерки за да одговорат на ризиците. На овој состанок земјите членки ќе разговараат и подготвуваат чекорите кои ќе ги преземат доколку Москва го пробие зададениот рок. За Северна Македонија е од исклучителна важност НАТО да остане обединета по ова прашање со Русија, и тоа е пораката што ќе ја пренесе Радмила Шекеринска на своите сојузници.
-Нашата цел е дијалогот да доведе до решение, и ние сметаме дека со вакви решени прашања, секој дел од светот, посебно нашиот, ќе спие помирно. Сметаме дека клучната порака што НАТО треба да ја испрати по овие прашања е порака на единство и од нашето искуство знаеме дека кога НАТО е обединето околу некоја тема, Алијансата е ефикасна, рече Шекеринска.
На дневен ред е и издвојувањето на буџетските средства во земјите членки за одбраната. Сојузниците имаат до 2024 да постигнат стапка од 2 отсто од бруто домашниот производ за одбраната, како што се заложија 2014-та година. Генералниот секретар на НАТО ќе ги презентира и последните бројки на “споделувањето на товарот“ за секоја земја членка.
-Ќе ги споделам последните бројки за 2019-та кои покажуваат вистински раст ширум Европа и Канада во издвојувањето на средства за одбрана од 3,9 отсто, плус растот од последните години, што значи пет последователни години на раст, изјави утрово генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг попладнево.
Земјите членки денеска ќе разговараат и за намерите на НАТО да развие своја вселенска политика, како и за воените жаришта ширум светот.
Министерката Шекеринска истакна и дека ќе ги користи сите прилики овие два дена да разговара со земјите кои сѐ уште не го ратификувале пристапниот протокол за Северна Македонија.
-Учествуваме на состаноци каде што се дебатира на важни теми, но секоја пауза ја користиме и фокусот е токму ова – според договореното овие два дена ќе разговарам со колегите од Шпанија, Холандија, Италија, кои сѐ уште не го ратификувале протоколот, но и Норвешка и Полска, кои веќе го ратификуваа, со сите сме разговарале, ниедна земја нема дилеми, а пораката на САД од вчера е силна порака, и таа влијае врз другите земји членки, нагласи министерката за одбрана.
Според министерката фактот што процесот на ратификација оди брзо за Северна Македонија е претставува силен политички сигнал.
-Денеска сум тука како членка што е во процес на ратификација, и фактот што 19 завршија со процесот на ратификација за многу кус рок покажува дека политичкиот сигнал го споделуваме и ние сметаме дека треба час поскоро да станеме членка, но во тоа сме ги убедиле и другите земји, изјави министерката пред почетокот на состанокот.