Шекеринска: Пораките коишто доаѓаат се дека од нас и од Бугарија се очекува да се стави точка на недовербата и непријателството
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска истакна дека пораките коишто доаѓаат отстрана покажуваат дека од Република Северна Македонија и од Бугарија се очекува да стават точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото, туку политика којашто ќе обезбеди европски вредности сега и денес.
Таа денеска во Штип одговарајќи на на новинарско прашање што работат работните групи на Северна Македонија и Бугарија, предводени од министрите за надворешни работи на двете земји и што содржи евентуалниот патоказ кон Договорот за добрососедство, кој се споменува, рече дека на тоа одговор можат да кажат одговорните.
-Тоа не е задача на целата Влада и не би сакала во еден чувствителен момент, за чувствително прашање, кој било од нас да импровизира, рече таа.
Додаде дека она што е јасно денеска се пораките кои пристигнуваат од сите главни градови.
– Она што е јасно денеска е дека пораките коишто доаѓаат од сите главни градови, од сите држави коишто му посакуваат добро на Балканот, Германија и САД. Денеска со писмото на поранешниот наш амбасадор, а високо позициониран во Стејт департментот, Филип Рикер е дека од нас и од Бугарија се очекува да се стават точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото туку политика којашто ќе обезбеди европски вредности сега и денес. Не само во Европската Унија, туку и на Балканот којшто сака да стане нејзин член, нагласи Шекеринск.