Шекеринска: Нема дополнителен данок за невладините, „десоросоизацијата“ заврши


– Нашата држава заслужува да биде демократска и да има јасен и гласен граѓански сектор кој нема да се плаши од Владата, изјави вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска пред Владата.

Потсети дека кон крајот на 2016 година, веднаш по парламентарните избори, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во еден долг ноќен говор пред Државната изборна комисија најави одмазднички процес наречен „десоросоизација“ со кој буквално го започна формалниот институционален напад врз илјадници наши граѓани и врз голем број граѓански организации во државата.

Тогаш, како што рече Шекеринска,  тој одмазднички говор беше насочен кон оцрнување на сите оние што го дигнаа својот глас против режимот. – Сите организации кои имаа различен став од тогашната влада и сите оние кои сметаа дека слободата на говор, слободата на здружување и сите останати уставни категории навистина немаат алтернатива, додаде таа.

Хајката, како што рече, имаше за цел да ги заплаши сите оние што беа активни во граѓанскиот сектор и сите оние кои јавно ги соопштуваа своите различни мислења.

-Хајката имаше за цел да врши постојан притисок и да ги етикетира сите оние кои беа активни во невладиниот сектор. Но, хајката исто така беше проследена и со многу силен јавен и медиумски притисок со кој сите тие беа оквалификувани или како платеници или како предавници. Овие закани не останаа само на зборови, тие закани преминаа и во дела и тоа од страна на клучни многу важни институции во државата. Класичен политички притисок, дискриминација злоупотреба на службена должност видовме од страна на институции како што се Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и Јавното обвинителство за организиран криминал кои започнаа практично секојдневен притисок и закани кон различни членови и делови од граѓанскиот сектор, рече Шекеринска.

Додаде дека преку погрешно толкување или на непостоечки делови од законите или преку одредби кои останале доволно нејасни за да можат да се злоупотребат, тогашната власт сакала да ги замолчи невладините организации и граѓанскиот сектор, да ги казни и да ги оштети финансиски.

– Тоа беше напад не само на граѓанскиот сектор, туку и на многу поединци кои овде се родиле, работат, плаќаат даноци, формираат семејства и се трудат да помогнат државата да создаде подобар систем и поправедни услови за живот, истакна Шекеринска.

Вели дека со промената на власта било јасно оти биле оправдани очекувањата на домашната јавност и на Европската унија дека, како што посочи, на ваквите злоупотреби ќе се стави крај и дека на некој начин ќе се покаже дека ова било огромна неправда и злоупотреба на системот.

– Тоа беше едно од барањата и од Европската комисија, од членките на Европската унија кои во неколку наврати побараа да престанат овие акции да се завршат формално и да се излезе со правно решение кое утре веќе никој нема да може да го злоупотреби, посочи таа.

Шекеринска вели дека по неколку чекори што ги презеле Владата и Собранието правдата е задоволена и оти неправдата нанесена кон тие поединци и невладини организации е исправена.

– Денеска, после неколку чекори преземени и од Владата, од владините институции, но и од Собранието на нашата држава можеме да кажеме дека навистина правдата е задоволена и дека неправдата нанесена кон овие поединци и невладините организации е исправена. Имено уште кон крајот на ноември, Финансиската полиција ги затвори сите овие истраги и излезе и пред домашната и пред европската јавност со констатација дека ниту една законска одредба не била прекршена и дека немал основ ваквиот одмазднички и навистина прилично агресивен процес, информира Шекеринска.

По долготрајни анализи и консултации со неколку владини институции и консултации со Собранието, Шекеринска вели дека Владата дала позитивно мислење, а Собранието донело автентично толкување на законот со кој овој проблем се решава.

– Ова автентично толкување, заедно со претходно изменетиот закон покажа дека оваа Влада не сака да остава сиви зони со кои што денес или утре било кој може да го уценува, притиска или манипулира. На овој начин решението ќе гарантира дека било која државна институција нема да може на ваков начин да создава притисок кон оние кои можеби не ги имаат истите политички убедувања, рече Шекеринска.