Шекеринска: Можеме со Бугарија да испишеме и поубава страница во историјата
Или ќе бидеме заложници на историјата, или сепак ќе сфатиме дека по десет години ова ќе биде историја. Можеме да напишеме поубава страница на историјата која ќе нѐ води кон подобро утре, или да испишеме уште една страница, уште едно вето, уште едни непријателства и со тоа уште да бидеме заложници на историјата, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во денешното интервју во Студио 10 за Телевизија 24.
-Со Бугарија имаме можност за поголема соработка во одбраната. Ние сѐ уште не сме донеле одлука која ќе биде втората држава која што ќе ни обезбедува „ер полисинг“, односно надзор на нашето небо. Првата држава како дел од НАТО мисија е Грција, а за втората има повеќе кандидати. Сметаме дека можеби и ова е инвестиција во некакви подобри билатерални односи, истакна Шекеринска.
Како што соопшти Министерството за одбрана, министерката Шекеринска појасни и дека Армијата во кризната состојба ќе има четири типа на ангажман.
-Едниот ангажман е поголемо присуство на медицинските сили од Воено медицинскиот центар во различни здравствени установи, вториот тип е ангажирање на екипите за дезинфекција, третиот дел е единици на Армијата како поддршка на полицијата, најчесто позиционирани пред здравствените установи заради подобро одржување на редот и четвртиот тип на поддршка, доколку се јави потреба, е поддршка на инженериските единици за интервенции пред болниците, рече министерката.
Министерката Шекеринска посочи дека справувањето со сегашната кризна состојба ќе беше многу полесна за здравствените работници и државата доколку оние кои сега критикуваат претходно го одобреа заемот од Светска банка за зголемување на капацитетите.
– Наместо да го дочекаме со сите капацитети, ние вториот бран го дочекавме со дел од капацитетите. Сметам дека навистина е несоодветно да ги критикуваат здравствените институции, токму луѓето кои што им ги врзаа рацете и им ги земаа парите, рече Шекеринска.