Шекеринска ќе присуствува на отворањето на Центарот за обука на НАТО и Украина во Полска


 Заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска денеска ќе престојува во посета на Полска, каде ќе присуствува на церемонијата на отворање на Заедничкиот центар за анализа, обука и едукација (ЈАТЕЦ). 

Центарот е прва заедничка цивилно-воена структура на НАТО и Украина, за чие формирање одлука беше донесена на заседанието на Северноатлантскиот совет на 16 декември минатата година. 

ЈАТЕЦ има за цел да игра трансформативна улога во зајакнувањето на колективната безбедност и да претставува еден од важните столбови на заедништвото меѓу НАТО и Украина. Тој треба да обезбеди интероперабилност меѓу украинските и силите на НАТО и да придонесе за зајакнување на одвраќањето и одбрана, на превенцијата и управувањето со кризи и на заедничката безбедност, врз основа на лекциите научени од руската инвазија врз Украина. 

Центарот е замислен како катализатор за зајакнување на односите меѓу НАТО и Украина и за обезбедување брзи решенија и долгорочни придобивки за двете страни.  

Воспоставувањето на JATEЦ се оценува како значајна пресвртница во односите меѓу НАТО и Украина, со што се потврдува посветеноста на Алијансата за поддршка на земјата согласно Декларацијата од ланскиот Самит на Пактот во Вашингтон. 

Како што соопшти Прес-центарот на НАТО, за време на престојот во Полска, предвидено е Шекеринска да има средби со полскиот вицепремиер и министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш и со украинската вицепремиерка за европски и евроатлантски интеграции и министерка за правда Олха Стефанишина.