Шефот на „Карфур“: Заврши периодот на стабилни цени на храната
Зголемувањето на цените на храната во Франција веројатно значително ќе се олесни од јануари благодарение на преговорите меѓу трговците на мало и производителите, но на периодот на стабилни цени му дојде крајот, предупреди шефот на „Карфур“, Александре Бомпар.
Инфлацијата би требало значително да ослаби од јануари, изјави вчера Бомпард за телевизијата БФМ, благодарение на владината иницијатива редовните преговори меѓу трговците и производителите да се поместат за шест месеци, од март во септември.
Растот на цените на храната би требало да падне многу под 10 отсто, кон пет отсто, додаде претседателот и извршен директор на францускиот малопродажен синџир.
Во август храната поскапела за 11,1 отсто, а стапката на инфлација изнесувала 4,8 отсто.
Минатата недела Бомпар предупреди дека Французите значително го намалиле купувањето на основните потреби поради високите цени.
Трговците и производителите во Франција си ја префрлаат вината еден на друг, а владата потсетува дека цените на многу суровини паднаа во изминатите месеци.
Шефот на „Карфур“ предупредува дека поради климатските и геополитичките фактори, цените на храната ќе продолжат да растат посилно во наредните години отколку во изминатите децении, кога нивниот раст се движеше меѓу нула и еден процент.
„Мислам дека заврши периодот на стабилни цени на храната“, рече тој.