Шефот на американскиот „култ“ Нексием осуден на 120 години затвор
Основачот на „компанијата за маркетинг“ и за „лично и професионално усовршување“, Нексием (NXIVM), која е опишана како „култ“, е осуден на 120 години затвор поради сексуално злоставување на некои свои следбенички, кои буквално биле жигосани со неговите иницијали.
Судот во Бруклин го осуди Кит Раниер, „гуру за лично усовршување“, меѓу чии следбеници се наоѓале и милионери и холивудски глумици, на необично висока казна, врз основа на минатогодишната осудителна пресуда.
Судијата Николас Гарауфис го нарече Раниер „суров и немилосрден“ во „досега невидени“ злосторства извршени врз девојчиња и жени.
Обвинителите барале доживотна казна затвор, но одбраната сметала дека 120 години е адекватна казна.
Учесниците во програмата „Нексием“, која започнала во 1998 година, плаќале илјадници долари за „курсевите за личен развој“, кои биле наменети само за оние со специјални покани.
Седиштето на тајниот „култ“ се наоѓало во близина на градот Олбани, во сојузната држава Њујорк, а ограноци имало и во Мексико и Канада.
Меѓу следбениците имало милионери и холивудски глумици, кои биле подготвени на понижувањата и потчинувањата како дел од „часовите“ на Раниер.
Раниер е осуден за рекетирање, криумчарење странски државјани, трговија со луѓе, изнуда и опструкција на правдата.