Шеф на голема компанија најавува огромни цени на горивата: „Ситуацијата е критична“

Џереми Веир, шеф на мултинационалната компанија „Трафигура“, еден од водечките светски трговци на суровини, е најновиот глобален бизнис лидер кој најави црно сценарио во втората половина од годината.
Аналитичарите најавуваат и можен недостиг на гас, а се зборува и за недостиг на гориво. Како закана за економијата во втората половина од годината е и рецесијата.
Шефот на „Трафигура“ предупреди дека пазарот на нафта оваа година може да достигне „параболична состојба“ со цени кои ќе се зголемат на рекордно ниво и ќе предизвикаат забавување на економскиот раст, пишува Фајненшл тајмс.
Веир рече дека енергетските пазари се во критична состојба бидејќи санкциите за извозот на руска нафта по нејзината инвазија на Украина ги влошија веќе ограничените залихи создадени од долгогодишното недоволно инвестирање. „Имаме критична ситуација“, рече Веир на конференцијата на „Global Boardroom“ на Фајненшл Тајмс.
„Навистина мислам дека ќе имаме проблем во следните шест месеци… Штом ќе се појават овие параболични состојби, пазарите можат да се придвижат и да скокнат значително“, додаде тој.
Параболичното движење на пазарите се дефинира како ситуација кога цената што нагло порасна скока на невидени нивоа, како десната страна на параболичната крива.
Веир додаде дека е голема веројатноста цената на нафтата да се зголеми до 150 долари за барел или повеќе во наредните месеци, со прекин на синџирите на снабдување бидејќи Русија се обидува да го пренасочи својот извоз на нафта од Европа.
Брент (нафтата од Северното Море), која се смета за репер за нафтата, се тргува по цена блиску до 120 долари за барел и достигна цена од 147 долари, највисока досега од финансиската криза во 2008 година. Но, според најавите, сега таа цена би можела да се надмине и да остане на тоа ниво уште некое време.
Извршниот директор на „Трафигура“ беше последниот кој предупреди дека економијата сè уште не го доживеала најлошото од енергетската криза, со малку начини за намалување на цените бидејќи веќе исцедените глобални залихи веројатно ќе станат помали доколку руското производство дополнително падне.
Џејми Дајмон, извршен директор на JPMorgan, предупреди минатата недела дека цените оваа година би можеле да достигнат 150 долари или 175 долари за барел. Аналитичарите на Goldman Sachs предвидуваат дека нафтата би можела да биде во просек повеќе од 140 долари за барел во третиот квартал, кога летната сезона на возење во САД е на врвот.
Веир рече дека зголемувањето на цените на другите стоки, вклучително и металите како бакар и литиум, исто така, веројатно ќе влијае на глобалниот економски раст и на крајот може да предизвика забавување за да се ограничи побарувачката. „Ако видиме многу високи цени на енергијата во одреден временски период, на крајот ќе видиме уништување на побарувачката“, рече тој. „Ќе биде проблематично да се задржат овие нивоа и да се продолжи глобалниот раст“, рече тој, пренесе Индекс.