Шанса за Центар: Се отвора пат за ново градежно чудовиште кај „Нова Македонија“
За локацијата на поранешната печатница на „Нова Македонија“ утре ќе се одлучува на седницата на Советот на Општина Центар, а иницијативата „Шанса за Центар“ вели дека „вакво чудовиште градот не видел“, но општината не смогнала сили да направи ново решение.
„Место тоа, со ‘корекции’ дополнително му удоволува на ненаситниот глад за профит на инвеститорот ‘СО ПРОПЕРТИЕС ДООЕЛ СКОПЈЕ’. Се смета за грешка една линија која недостасува во планот, ама не е грешка целиот концепт на развој на овој простор. Дали со сите сознанија и искуства во 2026 мора да спроведуваме одлуки од 2012 година?“, прашуваат од иницијативата.
Планерот „ТАЈФА ПЛАН“ го повикуваат јавно да го образложи решението со кое, како што посочуваат, површината за градба е 105.000 метри квадратни, на основа од 5.200 квадрати.

„Согласно правилникот за урбанистичко планирање за таа површина со деловна намена потребни се 1.750 паркинг места, мои може да се обезбедат само со 10 подземни нивоа. Коефициентот на искористеност е k=17, иако за сите околни градби е четири или пет“, соопштуваат оттаму.
Воедно, дополнуваат, пристапниот пат до влезот за гаражата е залепен до постојните стари објекти без можност за тротоар.
„Нели урбанистичкото планирање треба да обезбеди уставно загарантирана заштита на јавниот интерес?“, прашуваат од иницијативата, оставајќи и хаштаг „#ГрадежноЧудовиште“.