Шанса за Центар го потсетува Герасимовски дека можеше да направи „зелен“ паркинг


Пред неколку дена, градоначалникот на Општина Центар се пофали дека зад Т.Ц. „Буњаковец“ расчистиле дива депонија и на тоа место прави паркинг за 40 возила.

Сепак, од Шанса за Центар го потсетија дека новиот паркинг зад ТЦ „Буњаковец“ можеше да биде „зелен“, а не да биде уште еден топлотен остров каде температурите може да достигнат и на 60 степени Целзиусови.

Оваа сугестија ја подрржаа и со фотографии и го потсетија Герасимовски дека такви „зелени“ паркинзи веќе има во неговата општина, во Капиштец.

„Супер е што општината од руиниран простор создава паркинг за граѓаните. Проблем е што само со асфалтирање на просторот создава топлотен остров и површина која не пропушта вода. Асфалтот е надминато решение. Секој паркинг може да придонесува и за двете.
Подлогата не мора да биде направена од материјал кој не пропушта вода и акумулира топлина. Може да се копира примерот од „зелените” паркинзи во Капиштец кои ја впиваат водата од поројни дождови и на нив растат тревки. Со различна подлога на паркинзите како овој и со садење на дрвја овозможуваме и паркирање, и да се впива водата од дождовите наместо да се разлева по улиците и да оди во подземните природни резервоари, и да не се создаде нов топлотен остров на кој температурата може да достигне над 60 Целзиусови степени“, велат од Шанса за Центар.

Но, според гфотографиите објавени од Герасимовски, новиот паркинг е асфалтиран, токму тоа на што укажуваат од Шанса за Центар, дека не треба да се прави.

„Уредуваме нов паркинг за 40 возила, зад катната гаража во Буњаковец, на локација која со години беше дива депонија. Теренот претходно темелно беше исчистен и дезинфициран, а во тек се активности за асфалтирање, по што следува обележување на паркинг просторот.
Излегуваме во пресрет на граѓаните, кои на маалските средби побараа повеќе паркинг места и побезбедни сообраќајни решенија“, пишува Герасимовски.