„Шанса за Центар“: Гласачките ливчиња ќе личат на тетратка

Иако прагот за учество на изборите е намален, иницијативата „Шанса за Центар“ порача дека ќе продолжи со собирање потписи за основање на политичката платформа „Независни заедно“.
„Граѓаните кои сакаат да ни дадат поддршка тоа можат да го сторат оваа недела. Ги повикуваме и другите организирани групи низ Македонија да се приклучат“, соопштуваат од иницијативата.
Од иницијативата додаваат дека гласачките ливчиња би можеле да личат на „тетратка“ со голем број имиња, каде политичките партии ќе стојат најгоре, а под нив ќе следат долги списоци на независни кандидати.
„Пристапот до медиумите, избирачкиот список и другите ресурси со кои располагаат партиите останува непроменет. Нерамноправноста продолжува“, стои во соопштението.
Сега, само два граѓански потписа ќе бидат нужни за да може независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на локалните избори во октомври годинава. Оваа можност ја предвиде новиот правилник кој Државната изборна комисија (ДИК) го донесе вчеравечер со шест гласа „за“ и еден „против“.
Правни експерти и претходно предупредуваа дека одењето од една крајност во друга (од 1% – до нула потписи, или сега два) не е решение. Од една страна, сметаат дека е добро што се олеснува учеството на граѓанските инцијативи на изборите, но од друга страна процесот останува без „филтер“, кој би спречил лавина листи поднесени од лица кои сакаат само да си го „прошетаат“ името на гласачкото ливче. „Средно решение“ досега не беше најдено.
Второ, без никаков праг, постои опсност од создавање забуна кај гласачите со листи на кои може да никнат позајмени имиња од граѓани слични со имињата на активни и политички етаблирани лица, какви што искуства веќе имаше во минатото. И трето, лавина од кандидати може да придонесе за километарски долги гласачки ливчиња, што повторно може да доведе до забуна кај избирачите.
Вината не е во ДИК, туку во фактот што Собранието досега не успеа да најде решение за ова прашање. Првичниот предлог предвидуваше собирање потписи од најмалку 0,95 проценти од запишаните избирачи, праг кој е само за 0,05 отсто помал од оној (1%) предвиден во членовите кои ги укина Уставниот суд. Но, на комисиска расправа беше прифатен амандман на Левица, со кој минималниот праг за граѓански потписи за независни кандидатури беше намален на 0,5 отсто од запишаните избирачи во конкретната општина.
Иако при првото изјаснување пратениците со 67 гласа „за“ и 18 „против“ ги изгласаа измените на Изборниот законик, сепак измените не поминаа при гласањето според Бадентер, бидејќи 11 пратеници од немнозинските заедници гласаа „за“, а „против“ беа 18 од Европскиот фронт.
На локалните избори во 2021 година за независни гласаа 56.000 граѓани, со што внесоа свои независни претставници во 33 општини и во Градот Скопје.