Шакира обвинета во Шпанија за затајување данок од над шест милиони евра


Шпанските даночни власти покренаа обвинение против Шакира за затајување данок во вредност од над шест милиони евра.

Како што пренесуваат западните медиуми, поп-пејачката наводно должи околу 6,7 милиони евра данок на нејзиниот приход во 2018 година. Притоа, користена била офшор-компанија со седиште во друга земја за да се избегне плаќањето данок во Шпанија.

По разгледувањето на доказите собрани изминатите месеци, обвинителите одлучија да поднесат тужба. Пејачката досега немаше изјава за јавноста по новите случувања.

Инаку, ова е веќе второ обвинение против колумбиската поп-ѕвезда, а таа веќе треба да оди на судење во Барселона на 20 ноември во посебен случај што зависи од тоа каде живеела во периодот од 2012 до 2014 година. Во тој случај Обвинителството наведува дека таа не платила 14,5 милиони евра данок. Обвинителите во Барселона соопштија дека таа требало да плати за нејзиниот престој во Шпанија, иако нејзиното место на живеење тогаш официјално било на Бахамите.

Шакира живееше во Барселона до април оваа година, кога по прекинувањето на врската со Жерар Пике се врати во Мајами, САД.