Северна Кореја: Соработката со Русија е „природна и нормална“ за соседни земји
Северна Кореја денеска одговори на критиките на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол за соработката на Пјонгјанг со Москва по посетата на лидерот Ким Џонг Ун на Русија, велејќи дека е „природно“ и „нормално“ соседите да одржуваат блиски односи.
Јун на Генералното собрание на ОН минатата недела рече дека руската помош за Северна Кореја за унапредување на нејзината програма за оружје во замена за помош во војната против Украина ќе биде „директна провокација“.
Пјонгјанг, преку напис во државната новинска агенција КЦНА, го осуди Јун за „малигна“ клевета за пријателската соработка со Русија и рече дека Јун е „гласник“ на САД.
„Сосема е природно и нормално соседните земји да одржуваат блиски меѓусебни односи и нема причина таквата практика да се бара на одговорност“, се наведува.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун минатата недела се врати во Северна Кореја од еднонеделното патување во Русија, каде што се сретна со рускиот претседател Владимир Путин при што се договорија за јакнење на воената и економската соработка.
Американските и јужнокорејските власти изразија загриженост дека Русија може да се обиде да набави муниција од Северна Кореја за да ги надополни своите смалени резерви за војната во Украина, бидејќи Пјонгјанг бара технолошка помош за своите нуклеарни и ракетни програми.
Сите активности кои ги помагаат програмите за оружје на Северна Кореја се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на ОН.