Северџан е сакана душа


ЕРОЛ РИЗАОВ

Тие што го употребуваат зборот сeверџан(и) за да означат предавници на татковината кои го сменија името на државата и идентитетот на народот библиски, најверојатно никогаш не би го употребиле тој збор доколку знаат што значи. Северџан е турско име составено од два збора север (сака) и џан (душа), што според најблиско толкување би значело сакана душа. Во наездата да се зборува и пишува сè и сешто, во златната ера на простаклакот и лагата, северџан, „сакана душа“, стана синоним на велепредавство оти на некој голем патриот и јунак обдарен со малку знаење, а со многу емоции му експлодирал умот при секоја употреба на една од географските страни на планетата земја. Тој излив на крвта во мозокот, а изустиш „север“, стана заразен и кај некои учени и недоучени луѓе, па лелекаат и тагуваат во директен пренос чиниш од погребот на Македонија, како оние професионални тажалки кои треба да ги расплачат и најтврдокорните да пуштат солзи. Тоа е содржината од директниот пренос на македонското реалити шоу кога билмезите ја качуваат температурата повеќе од глобалното затоплување.

Играта на зборови со северџан би влегла во пофалба на глупоста од мали димензии, ако не е во прашање пандемија од незнаење и примитивизам кои предизвикуваат тешки заболувања од пошироки размери. Затоа, пак, зачестено ни доаѓаат специјалисти од белиот свет за да нè ревакцинираат и да ни ја појаснат во разни варијанти мислата на Денг Ксијаопинг – „Не е важно дали мачката е бела или црна, туку е важно да лови глувци“. Во наш превод и за наши услови, не е важно дали обвинителството е специјално или редовно, важно е да лови криминалци од врвот на власта и моќта оти криминалот и корупцијата доведоа до блокирање на сите општествени и економски развојни процеси во земјата. Арно ама незнаењето и леснотијата да се владее со тие што го изгубиле здравиот разум кои секогаш се во мнозинство, ја развлекоа суштината зошто е формирано специјалното јавно обвинителство и зошто е потребно и покрај редовното обвинителство.

Ако не се направеше силна ѓурултија и ако не се избербатеше до крај СЈО, ќе се видеше мотивот за оваа голема измама. СЈО, за тие што заборавија, е формирано бидејќи редовното јавно обвинителство не работеше, беше блокирано од режимот на Никола Груевски, во ерата кога од врвот на власта се нарачуваа затворски казни, но и ослободителни пресуди во зависност од тоа од која партија си и на кого припаѓаш. Немаше кој да го гони организираниот криминал и корупцијата кои излегнаа на виделина по експлозијата на бомбите предизвикана од прислушуваните телефонски разговори на монструмите. СЈО и Катица Јанева со нејзиниот тим беа најголемата надеж за спасување на Македонија од неаздата на криминалците и до гуша корумпираните политичари. И еве сега нова ѓурултија уште поголема, демек, корумпирана е и Катица Јанева, а со тоа компромитирано е и СЈО и сега сè што сработиле луѓето од СЈО треба да се поништи, а новото СЈО претопено во државното обвинителство под раководство на обвинители што ќе ги изберат партиските штабови ќе гони корупција и организиран криминал во високите кругови на власта. Која папазјанија и крената шамата до точка на вриење само да не се види едноставноста на решението ако има политичка волја да се гони криминалот.

Прашањето е јасно, дали црна мачка или бела мачка ќе лови глувци, или не. СЈО со Катица, или без Катица, еписи бир, ќе ги предаде на судот досега изработените и неизработените предмети, или сè ќе оди на рециклажа поради изминат датум на стоката која повеќе не е за човечка употреба, како што вели Врховниот суд, на големо задоволство на политичките актери кои ја донесоа одлуката за формирање на СЈО, но сега со истата политичка волја сакаат да го укинат СЈО. Сите, од лево и од десно, викаат на глас – бараме владеење на правото, а се слуша во јавноста како владеење на кривото. Ако Катица Јанева, или кој било друг од СЈО е вовлечен свесно или несвесно во арамиско гнездо, дали тоа значи дека арамиите ќе се ослободат од гонење за тешките кривични дела. Гласот на разумот вреска прилично осамено дека евентуалните гревови на Јанева се една работа, а сосема друга работа се предметите на СЈО.

Во оваа земја има повеќе луѓе кои го знаат функционирањето на правосудниот систем и влијанието на политиката и на корупцијата врз делењето правда. Треба да се прифатат нивните сугестии и јасни насоки. Ова е вистинскиот момент кога правдата треба да победи, бидејќи никогаш немало подобри изгледи и подобра клима тоа да се случи. Треба само поголема храброст на луѓето на одговорни позиции во правосудниот систем и посилен притисок на јавноста врз политиката и партиските лидери да се расчисти со криминалот на белите крагни, на личностите на високи позиции. Никој не смее да го попречува тој процес бидејќи милион пати јасно е кажано дека без владеење на правото нема ни преговори со ЕУ, а што е уште поважно многу бргу ќе нема ни држава.

Владата подготвува проект за борба против лажните вести. Читав што читав за тоа и не успеав да дочитам, оти нигде на повидок ја нема главната работа, а тоа е проект како да ја препознаеме вистината, која е многу здодевна и скапа работа во споредба со атрактивноста и возбудливоста на лагата. Изградба на култура за комуникација е долг и мачен процес исто така силно поврзан со развојот на демократијата и образованието. Тука некои закони и проекти по итна постапка не помагаат многу. Тие побрзо водат кон цензура отколку кон објективно информирање на јавноста. Битката против лажни вести мора да почне со реновирање од темели на јавниот сервис МРТ или изградба на нов јавен сервис кој треба да биде огледало на објективноста и професионалноста. Кога граѓаните ќе почнат да проверуваат дали е нешто вистина по тоа дали е објавено на јавниот сервис тоа ќе биде првиот посериозен удар врз фабриките за производство на лажни вести. Владите во неразвиените и нерегуларни медиумски пазари треба поштедро да ги поддржуваат медиумите кои негуваат професионално новинарство без оглед на нивната критичка опсервација на владините политики. Луѓето и натаму повеќе ќе читаат озборувања и теории на заговор и ќе гледаат комерцијални телевизии и ќе сурфаат на социјални мрежи, но изградбата на комуникациска култура ќе значи дека читаат, ама не веруваат бидејќи добро знаат дека тоа е прилично зачинето. Така се создава амбиент на вистинска оценка на вредноста на различните медиуми и на авторите на кои им се верува, а на кои не им се верува. Не може да биде единствен критериум читаноста и гледаноста која вртоглаво и пропорционално расте со големината на лагите и количеството на шундот и кичот.

Не знам дали ја препознавте деновиве злорадоста кај некои телевизии и медиуми кои здушно навиваат да се угаси 1ТВ, веројатно од истите причини како што некои политичари би се израдувале да се угаси СЈО. Така беше кога се гаснеа и други телевизии и весници. Заблудата беше дека гори конкуренцијата, оти не можеа да видат дека е запалена и нивната черга.

И да завршам со Денг Ксијаопинг и прашањето на татко му зошто оди да учи во Франција. Тој ги кажал зборовите на неговите наставници. Одиме да собереме знаење и вистини од Запад за да ја спасиме Кина. Во превод, кај нас тоа треба да значи одиме во Европа и на Запад за да ја спасиме Македонија пред да им текне на тие што управуваат со светот дека поделена Македонија може да ја спаси Европа.