Сервер: Белград ја призна правниот систем на Koсово во северниот дел
Апсења на криминалци е дел од спроведување на законот и поредокот во Косово, смета Даниел Сервер во однос на завчерашната тензична ситација во Косовска Митровица.
Сервер е професор на вашингтонскиот Универзитет за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“ и добар познавач на работите на Балканот.
– Според договорот потпишан во април 2013 година во Брисел, Белград ја призна надлежноста на Уставот на Косово и правниот систем на земјата во северниот дел, изјави Сервер за МИА.
Според него, „најновите националистички изјави на српската премиерка Ана Брнабиќ не се во прилог на олеснување на ситуацијата“.
– Од друга страна, реакцијата од Албанците беше сатирична и воздржана. Смислата за хумор од некои косовски политичари може да влијае позитивно, изјави тој.
Експертот алудираше на Твитер пораките на амбасадорката на Косово во САД, Флора Читаку, и на други косовски политичари со фотографии од шумата и хештегот „излезени од шума“ кои се одговор на вчерашната изјава на Брнабиќ дека „Србија на Косово има работа со луѓе од шума“. Брнабиќ изјавата ја даде во текот на заедничка изјава со Сем Фабризие, шеф на мисијата на ЕУ во Србија.
Во врска со повиците за размена на територии, Сервер рече дека е целосно против размена на територии и население помеѓу Косово и Србија. Тоа би можело да предизвика катастрофа во регионот, смета тој.
– Тоа би било катастрофално за Србите на Косово, за Албаницте во Србија, како и за сите во Македонија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија и Украина. Прво правило на меѓународните норми е да се избегне правење штета, посочи Сервер.
Тој укажа дека во услови на таков хаос предизвикан од размена на територии, добитник би бил само Владимир Путин.
– САД и Европа може само да изгубат, смета тој.