Серија неточни научни истражувања ги поттикнаа дезинформациите на социјалните мрежи


Истражувањата со неточна методологија и збунувачки заклучоци за Ковид-19 ги разгореа дебатите на социјалните мрежи и додаваат научна кредибилност на скептицизмот за вакцините. Истовремено, кризата со информациите и натаму нанесува штети врз јавното здравје.

Истражувањата во областа на коронавирусот веќе беа дискутирани и нашироко споделени  надвор од медицинската заедница, а нивното повлекување не е доволно да ги смири страстите, што тие ги предизвикуваат на Интернет.

-Откако истражувањето или статијата еднаш ќе бидат објавени, штетата е неповратна, вели Емерсон Брукинг, истражувач во Атлантскиот совет, во специјализираната Дигитална форензичка лабораторија за идентификација и анализа  на дезинформациите, со седиште во Вашингтон.

Според него, овие проблематични истражувања додадоа масло на огнот во дебатите на социјалните мрежи меѓу теоретичарите на заговор и скептиците на коронавирусот. Овие студии често пати генерираат многу дебати преку Интернет. Заклучоците во нив потоа се преземаат од други наведувачки написи на други платформи.

Оваа дезинформација е многу опасна во време кога темпото на вакцинација против коронавирусот забавува, особено во САД, и во момент кога здравствените власти на земјата продолжуваат да тврдат дека смртните случаи поврзани со коронавирусот се меѓу невакцинираните луѓе.

На крајот на јуни 2021 година, медицинското издание Вакцини објави студија за ризиците и придобивките од вакцинацијата против Ковид-19. Истражувањето, потврдено од научната комисија на изданието, содржеше вознемирувачки заклучоци – вакцината предизвикувала два смртни случаи на секои три лица, кои веќе биле заштитени од вирусот преку неа.

Два дена по објавувањето на оваа студија, твитот на научникот и критичар на вакцини против коронавирус, Роберт Мелоун, за ова истражување беше споделен илјадници пати. Од своја страна, американската конзервативна коментаторка Лиз Вилер претстави студија и го охрабри читањето на овие „научно информирани препораки“ во видеото што беше прегледано повеќе од 250.000 пати на Фејсбук.

Но, на 2 јули, гореспоменатото медицинско издание ја повлече студијата. Причината за ова беа неколку грешки што фундаментално го компромитираа толкувањето на овие заклучоци.

Најмалку четворица членови на научниот комитет на списанието поднесоа оставки по потврдувањето на студијата, вклучувајќи ја и Кети Оер, асистент на Институтот „Џенер“ на Универзитетот Оксфорд во Англија.

Требаше да се предвиди дека овој напис ќе има големо влијание, признава реномираната имунологинка.

-Фактот што никој од комисијата не ги забележа проблемите во студијата е многу загрижувачки, особено за специјализирана научна публикација за вакцини, додаде таа.

Иако твитовите на Роберт Мелоун беа отстранети, видеото на Лиз Вилер се уште е достапно на Фејсбук.

Овие примери за занемарување на процесот на објавување научни статии може да се најдат во други престижни научни списанија.

Во јуни 2020 година, многу реномирани публикации „Лансет“, „Њу Ингланд журнал фор медисин“ и „Анали на интерната медицина“ објавија повлекување на медицинските истражувања, објавени на нивните интернет страници, од кои две се однесуваа на третманот на Ковид-19 со хлорокин. Третата ја разгледуваше ефективноста на носењето маски против ширење на вирусот.

-Научноистражувачките написи генерираат интерес без преседан, вели Маимуна Маџумдер, епидемиолог и статистичар на Медицинскиот факултет Харвард. Според неа, здравствените експерти треба подобро да ја објаснат својата работа на публика која не е запознаена со тоа.

Сите истражувања што беа направени, објавени и широко споделени за време на пандемијата не беа секогаш поткрепени со силни научни аргументи, додаде таа.

-Ова е особено вознемирувачко бидејќи истите овие студии, користејќи методологија со слаб квалитет, влијаат врз изборот на луѓето, особено оние поврзани со вакцинацијата, изјави Маџумдер. (Франс прес)