Сенатот на САД изгласа привремена мерка за да спречи затворање на владата 


Претставничкиот дом и Сенатот на американскиот Конгрес, синоќа изгласаа привремена мерка со која се продолжи финансирањето на сојузната влада за еден ден, за да избегнат нејзино затворање. 

Ова беше изнудено поради презафатеноста на законодавците неделава со работа околу донесување на вториот пакет економска помош од 900 милијарди долари за милиони Американци, поради пандемијата на Ковид-19 во САД. 

Привремената мерка беше усвоена едногласно. Дискусиите за да се одобри сумата на сојузниот буџет за наредната фискална година (трае до 30 септември 2021 година), продолжуваат денеска. Гласањето најверојатно ќе се случи до вечер.  

Затворање на владата можеше да се случи синоќа од полноќ, доколку мерката не беше изгласана. Таа потоа беше итно потпишана од претседателот на САД, Доналд Трамп. Слично продолжување на финансирањето на сојузната влада, но за една недела, претседателот потпиша на 11 декември. 

Денеска треба да биде објавена и конечната верзија на вториот пакет економска помош што вчера беше одобрен од американскиот Конгрес.