Семејството и двајцата водичи спасени од пештерата во Словенија


Спасени се петте лица кои од саботата попладне беа заробени во словенечката пештера. Медицинскиот персонал ја проверува нивната здравствена состојба. Извлекувањето на заглавените во пештерата го извршиле припадници на Службата за спасување во пештерите и единицата за техничко нуркање како дел од Единицата за брза интервенција, јавува 24ur.com.

Словенечкиот премиер им оддаде почит на спасувачите и на сите други учесници во сложената операција. Роберт Голоб им честиташе за „исклучително брзата, координирана и ефикасна спасувачка операција која се одвиваше во невозможни услови“.

Евакуацијата започна околу 14 часот, како што соопшти претходно Сречко Шестан, командант на словенечката цивилна заштита. Тричлено семејство и двајца водичи останаа заробени од саботата поради високиот водостој на околу 2,4 километри од влезот во пештерата. Според Шестан, водата што го предизвикала високиот водостој дошла од правец на Хрватска, што го изненадило инаку искусниот водич на пештерите.

Имаа сè што им треба
„Кога се враќале од пештерата, виделе дека е делумно поплавена, поради што се повлекле на безбедно“, вели Шестан. Акцијата за спасување започна во саботата попладне, а неколку екипи нуркачи стигнаа до заглавените лица во последните два дена и им обезбедија сè што им беше потребно.

Тричлено семејство со возрасно дете и двајца водичи во саботата во 8 часот започнале комерцијална обиколка на јамата Крижна како дел од здружението на љубители. Со оглед на тоа што не излегле од пештерата во закажаниот термин односно во 15 часот, дежурниот од здружението се симнал во неа и видел дека водата се крева, па во 17 часот започнал спасувачка акција.