Семејствата на жртвите во „Пулс“ тврдат дека има обиди да се влијае на сведоците


Дискотеката „Пулс“ каде што се случи пожарот (Фото: Б. Грданоски)

Семејствата на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска изнесоа сериозни обвинувања за обиди за влијание врз судската постапка. Пред почетокот на денешното рочиште, Јулија Златкова, мајка на трагично загинатиот Томас Златков, алармираше дека сведоци на Обвинителството се соочуваат со притисоци.

Според наводите на семејствата, во затворот се овозможувало користење на мобилни телефони за комуникација со сведоци преку апликацијата „Вибер“, со цел да се влијае врз нивните искази. Златкова побара итна реакција од институциите за проверка на овие тврдења и на сите комуникации поврзани со случајот.

„Трагедијата во ‘Пулс’ претставува ‘геноцид врз една млада генерација’, предизвикан од алчност, корупција и несовесно работење. И по катастрофалниот настан, постојат обиди за прикривање и влијание врз судската постапка“, истакна Златкова.

Блиските на загинатите апелираат за темелна истрага и заштита на интегритетот на процесот за да се спречи какво било попречување на правдата.