Селотејп коалиција, памфлет програма, биографии како флаери…

Селотејп коалиција, програма памфлет, биографии како флаери…Ова се некои од описите што ги употребија пратениците на опозицијата натпреварувајќи се кој повеќе и на поинвентивен начин ќе го издевалвира новиот владин кабинет за кој треба да се гласа вечерва, место да се спротивстават со аргументација за предложените политики или кадри. И попладнево се верглаше истата теза, дека новата влада нема легитимитет и дека само ќе продолжи по неуспешните стапки на претходната, која ја следеле корупција, криминал и скандали. Затоа, потребни се нови избори. Пратениците од власта пак возвратија дека добро се справиле со досегашните предизвици, а од новата влада очекуваат уште повеќе работа во интерес на граѓаните и државата. Само спикерот Талат Џафери од владеечкиот табор се приклони на ваквата дебата па во вербалната кавга за скафандерите во Парламентот го именуваше Димитар Апасиев од Левица како „Фидел Кастро“ бидејќи обвинил за биотероризам, порачувајќи им на пратениците дека ако треба – и тој ќе дојде облечен во скафандер, но само за оваа седница, бидејќи од идната се обезбедени услови за учество од далечина.
„Предлогот на нова Влада е стара песна со нов глас, само со уште послаб хор. Луѓето кои беа во составот на минатата Влада која требаше да биде реформска, не спроведоа ниту „р“ од реформите и беше проследена со низа скандали за кои ја добија казната на локалните избори, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ“, Жаклина Пешевска.
Пешевска додаде дека во оваа Влада се наоѓаат истите ликови чии политики на локалните избори беа поразени. Ова претставува Влада каде формално стои СДСМ, а реално е предводена од ДУИ, потпомогната од триото ЛДП, ДОМ и ДС кои поради сопствениот комодитет поддржуваат Влада на криминал. Влада која е во селотејп коалиција со партии каде народот ги нарекува човек партија, кои ниту имаат ресурси, ниту пак имаат капацитет, оцени таа.
„За какво владеење на право или антикорупција се зборува кога пред очите на јавноста се случуваа Рекет, Мафија, Ден Дончев, Рашковски, нарачани судски пресуди, пасоши на нарко босови, Луј Витон торби, кинески провизии итн. Но најодговорните министри за сите овие случаи повторно се во оваа нова Влада“, посочи Пешевска.
Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, пак, смета дека претходната Влада добро се справила со предизвиците, а ограѓаните очекуваат одговорност не само од власта, но и од опозицијата, која според неа никако да се одрече од навиките за поделби, неосновани критики и напади и да понуди решенија.
– Немаме ниту една минута, да се однесуваме неодговорно и теснопартиски, наместо државнички. Ова го потенцирам бидејќи досегашните дискусии на колегите пратеници од опозицијата, без токму такви –теснопартиски – чиста загуба на времето кое го немаме на претек. Изборот на оваа влада го правиме во едно тешко време кога се соочуваме со здравствена, економска и енергетска криза што го зафати целиот свет, вклучително и нашата држава. Овие предизвици со кои се соочуваме и прашањата кои треба да ги решаваме го обврзуваат идниот премиер и министрите да работат двојно повеќе, да бидат двојно поодговорни и поефикасни бидејќи граѓаните тоа го бараат од нас, додаде таа.
„Стратегијата на власта во културата е културоцид во 21 век, и културата е најголема жртва на поигрувањето на коалицијата СДСМ и ДУИ“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска,потенцирајќи дека гледаме старо-нова влада, а колку културата е маргинализирана од страна на СДСМ и ДУИ говори и фактот што имаме за 5 години менуваат 5 министри.
– Имаме девастирана, хаотична, партизирана култура. Институции со нарушени меѓучовечки односи, партизиран кадар, наследени проблеми, започнати и заостанати мегаломански проекти кои чинат многу, институции со распаднати кровови како НУБ. Понудената програма во однос на културата како важен сектор во општеството е крајно занемарен и маргинализиран. Во културата за овие 5 години имаме 5 министри, тоа се Роберт Алаѓозовски есеист, Асаф Адеми градежен инженер, Хусни Исмаили доктор по медицина, Ирена Стефоска историчар и сега предложената Бисера Костадиновска Стојчевска професор по англиски јазик. Овие промени значат и промени на кабинет, нови директори, нови методологии на работа на секој министер, различни програми, да не зборуваме за партиски вработувања и политички реваншизам што се резултираше со нарушен континуитет на работа во културата, рече Стојкова Серафимовска.
Таа посочи дека во секторот творештво, творците и уметниците се демотивирани, се прекина секаква стимулација на домашната, популарната и класичната и современата сцена, нема откуп на никакви дела, а во театрите се помалку има дела од македонски автори.
– Има наследени проблеми во филмската дејност каде проблемите се на меѓународно ниво, се уште е актуелна тужбата на Јадран филм кон Агенцијата за филм, а таму е замешан и сега поранешниот премиер Зоран Заев. Поради лошо работење опадна нивото на светските реномирани фестивали како што е Охридско лето, но затоа се даваат огромни средства за проекти со сомнителна содржина, рече таа.
Стојкова Серафимовска истакна дека новата влада во програмата ја споменува грижата за македонскиот јазик, но видовме како кога македонскиот јазик беше најмногу напаѓан од нашиот источен сосед, Советот за македонски јазик, тело при владата остана нем и нефункционален.