Селмани: Државата треба да ги преземе приватните болници место да се пазари


Дека сме најдобри во светот по справувањето со коронавирусот, сигурно дека не сме, но не држи тезата ниту дека сме најлоши, изјави поранешниот министер за здравство, Имер Селмани во гостувањето на „Студио 10“ на Телевизија 24. Според него, државата, министерот за здравство и Владата треба итно, храбро и бескомпромисно да ги стават на располагање сите здравствени капацитети за лекување на ковид на пациенти и  да ги одредат цените за лекување и за тестирање во приватните здравствени установи,односно поенергично да ги стават капацитетите под една команда. Наместо министерот за преговара со сопствениците на приватните установи, Селмани вели дека тој треба да преземе храбри и бескомпромисни одлуки.

 

-Сега ако се пазариме може и да не се договориме, а луѓето ни умираат, вели Селмани. Вели дека 100-те кревети кои ги договори Филипче со приватните болници се премалку за она што не очекува со ваков број на заразени.

Според него, ситуацијата се уште не е целосно излезена од контрола, но вели дека тоа ќе се случи ако медицинскиот персонал почне да се откажува од оваа битка со корона вирусот.  Тој вели дека државата треба да ги земе конците посилно во свои раце, да формира цена за тестирања и да се постават максимални цени на тестовите, а здравствените услуги во приватните да бидат според стандардизиран ценовник.

И дефинитивно, според Селмани, министерот за здравство и Владата ќе треба да ги централизираат набавките на опрема и лекови на едно место, за да можат да ги контролираат трошоците на државни пари и да се намалат злоупотребите.

-Вчера ја слушнав изјавата на директорот на Агенцијата за лекови, МАЛМЕД, кој рече дека прв пат одобрил, по барање на приватни институции, увоз на лек кој е наменски против ковид. Па се поставува прашањето – зошто сега и зошто во ситуација на барање од приватни институции. Државата е во вонредна и кризна ситуација и таа треба да го преземе чекорот, да ја преземе иницијативата. Зошто државата да не направи увоз на одредена количина, со која ќе ги покрие потребите и на приватните, и на државните здравствени установи. Треба државата да предничи со одлукте, а не приватните установи да даваат предлози, објасни поранешниот министер за здравство.