Сељами се чуди зошто Македонци повикуваат Македонци да не се попишат
Пописот не е пазар, не е отворање на алваџиски тефтер, туку спроведување на закон, вели заменик директорот на Државниот завод за статистика Иљми Сељaми во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој не гледа ништо лошо во лобирањето дијаспората да се попише.
Запрашан околу впечатокот на јавноста дека министрите Артан Груби и Бујар Османи одат по Европа и апелираат да се попишат Албанците, тој вели:
-Ние како Државен завод за статистика сакаме да се обраќаме до граѓаните, бидејќи пописот се прави за граѓаните. Ова е однос меѓу Заводот за статистика и граѓаните. Ние им се обраќаме на нив, ние им тропаме на врата на граѓаните, граѓаните ни отвораат врата, граѓаните ни даваат податоци, ние завршуваме со пописот и тоа е тоа. Постигнат е ефектот, пописот е направен. Со ова сакам да кажам дека политичките агенди за жал на Балканот никогаш не престанувале, не престануваат и нема никогаш да престанат. Впрочем тоа и во оваа целосна ненормалност можеби е и нормално поради тоа што на политичките партии тоа им е работа, да најдат агенда, да најдат теми и таму каде што ги нема. Треба да сфатиме сите, јас жалам што не сфаќаат политичките партии дека ако не се одржи пописот губат сите.
Околу прашањето дали апелира како Завод за статистика политичарите да не се вмешуваат, тој вели дека постојано го прават тоа.
-Јас дури им велам, вие вмешувајте се, нам ни треба секој кој што би ја олеснил работа во смисла дека секој политички субјект, секој чинител и фактор во државата, во општетството, го повикуваме да ги повикува граѓаните, сите, свои, наши, ваши, оти ништо не правиме лошо ако повикуваме на попис. Кратко, тоа е како да ги повикувате граѓаните да го почитуваат законот.
Околу вмешувањето на Еди Рама и на Албин Курти со повикот Албанците да учествуваат во пописот тој не гледа лоша работа.
-Пак ќе повторам, што е лошо во тоа да повикувате граѓани да го почитуваат законот? Јас не се чудам зошто Албанците повикуваат да се попишуваат Албанците, туку се чудам зошто Македонците повикуваат да не се попишуваат Македонците? Што е целта, што е намерата, да не се попишуваат, да направиме деформирани бројки?
Според него, за првпат оваа година се прави попис од стручно тело, Државен завод за статистика што впрочем и е работа по сите акти, да прави попис, да прави статистики итн.
-Значи ако не знае Државниот завод за статистика да прави попис, кој друг би знаел, политичките партии? Знаете дека постојано се зборуваше за доверба во пописите- го прават Македонци нема да веруваат Албанци, го прават Албанци нема да веруваат Македонци па Турците нема да веруваат итн. Еве има и Македонец директор има и заменик директор кои ќе гарантираат, секој од своја гледна точка, за вистинитоста на податоците. Не сме ние тука поставени од никого, ниту пак јас би прифатил такво нешто, да седам тука и некој да ми делегира, господинот Ахмети или господинот Заев да ми се јават и да ми кажат направете вие да има 30 проценти Македонци, 20 проценти Албанци , толку Турци. Ова не е пазар, ова не е отворање на алваџиски тефтер. Ова е спроведување на закон, вели Сељами.