Селими: Ниту ДУИ се Албанците, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ се Македонците

„ Апсолутно се согласувам дека ДУИ не се Албанците, како што манипулираше со потсвеста на македонските граѓани ВМРО ДПМНЕ кога ја обвинуваше ДУИ, а алудираше на Албанците. Но, од каде го црпи правото ВМРО-ДПМНЕ да се повикува на етничките Македонци?!
Ниту ДУИ се Албанците, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ се Македонците. Македонците во Северна Македонија се чесни граѓани кои сакаат ред, правда и развој, а тоа е спротивно на она што го нуди оваа влада. Прва лекција на демократијата: Партија и народ не се исто“, напиша на социјалните м,режи аналитичарот Сефер Салими, како реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ утрово.
Имено, ВМРО-ДПМНЕ, во едно од многуте соопштенија утрово со кои се пресметува со политичките противници со навреди, напиша дека ДУИ не се Албанците, туку ДУИ е криминалната коалиција на злото.
„Бујар Османи продолжува со истата матрица, секоја критика за криминалот на ДУИ да ја претставува како „поттик на поделби“. Вистината е сосема спротивна: поделбите и неправдите во државата настанаа токму поради СДСМ и ДУИ и нивната власт заради криминалните тендери, корупцијата и злоупотребата на институциите.Бујар, Артан, Заев, Али и Филипче се коалиција на злото која ја жртвува Македонија за да ја ограбат државата и народот.
Кога ќе бидат фатени со рацете во медот, Османи и неговите колеги се кријат зад етнички теми. Но Албанците не се ДУИ, ниту пак ДУИ има право да зборува во нивно име. Албанците во Македонија се чесни граѓани кои сакаат ред, правда и развој, а тоа е спротивно од она што го нудат Али, Артан, Бујар, Филипче и Заев.
Затоа, колку и да се обидуваат да ја претворат борбата против криминалот во „етничко прашање“, тие добро знаат дека нема да успеат. Народот кажа јасно: криминалот не се исплати, а ДУИ и СДС се минато“, порача ВМРО-ДПМНЕ.