Села: Сега не влегуваме во Владата и да нѐ викаат


Јас би поддржал закон за СЈО кој нема за цел да амнестира некого, туку има за цел постепено да ги гради правото и правната држава. Нема да поддржам закон кој се крои за да се заштитат големи политички мечки во државава, вели Зијадин Села, претседател на Алијансата за Албанците во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој смета дека неопходни се предвремени парламентарни избори за да може земјата да тргне напред. Според Села, можно е во јуни да не добиеме датум за преговори со ЕУ, а причината е во тоа што ДУИ е дел од владата и не дозволува да се случат вистински реформи.

На прашањето дали доколку се случи владина реконструкција, гледа шанса Алијансата да влезе на „Илинденска“, Села одговора оти нивните одлуки секогаш се добро размислени.

„Ако не беше Алијансата за Албанците, денеска немаше да имаме ниту НАТО, ниту датум за преговори. А што добивме, како ни вратија? Тотално некоректен однос од страна на премиерот по локалните избори во 2017 година. Дали сега ние повторно би се впуштиле во таква авантура? Не. Алијансата за Албанците ќе биде дел од власта кога ќе победи на парламентарните избори. Сега не гледаме причина да се вратиме и да бидеме дел од таа власт. Би се вратиле само преку изборен процес и преку добивање на легитимитет. Што се однесува до коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците ќе коалицира со тој политички субјект кој ќе ја прифати платформата и програмата на Алијансата за Албанците“, дециден е Села.