„Секоја слика ја сметам за незавршена“: Зошто треба да се види изложбата – омаж посветена на Миле Корубин (галерија)
Скопје речиси секој ден има по три културни настани дневно, ама ако не сте биле на отварањето на 28 септември на новиот грандиозен проект на Националната галерија, изложба- омаж посветена на Миле Корубин (1922-2000) , меѓу елитната публика, која во голем број и со нескриен интерес уживаше во голем број негови дела од неговото богато творештво, имате време до 27 октомври. Во Чифте амам, сами или во друштво, преку ден или приквечер, на раат, да ѕирнете во сликите полни со нијанси на овој мајстор на четката од кого продолжи генерацијата на славни сликари во семејството, заедно со синот-единец Рубенс, и внукот Михаил.
Во неповторливиот магичен амбиент на Чифте амам, по повод 100 години од неговото раѓање, за животот и делото на Миле Корубин зборуваа директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, академскиот сликар Рубенс Корубин и д-р Кирил Пенушлиски, историчар на уметност.
Во своето обраќање, меѓу другото, директорката на Националната галерија сподели:
„Јубилејните изложби на истакнатите македонски уметници што Националната галерија ги подготвува во континуитет многу често ја надминуваат рамката на формалното официјално одбележување, бидејќи истовремено овој тип изложби даваат и ретроспективен пресек, овозможувајќи потемелен увид во творештвото и развојниот пат на авторите. Оттука, секогаш настојуваме поставката да ја збогатиме и со дела кои ретко или воопшто не биле презентирани пред јавноста. И, секако, една од најважните компоненти е желбата да оствариме и едукативен импакт, со цел културната јавност да добие поширока перспектива за развојот на едно творештво, кое, од своја страна, во одреден историски период извршило влијание врз некои текови во македонската современа уметност.
Говорејќи поконкретно за местото на Миле Корубин во генерациски рамки, тој, сепак, претставува издвоен автор кој наспроти предизвикот на новите ликовни струења избира сопствена еволутивна патека и создава карактеристичен ракопис.Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на „патувањето“ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното. Тенденциозно избегнувајќи ги трендовите, метафоричкиот лирски пристап се чувствува и се развива следејќи ја имагинацијата од конкретноста, па сè до геометриската асоцијативност.
Притоа, како константа секогаш доминираат потсвесно воспоставената хармоничност и редот на елементите во просторно смирената до „блажено“ лебдечката композициска структура. Неговиот луциден сликарски јазик и урамнотежени ликовни ориентации се наклонети кон естетизацијата, редуцирањето на сликарскиот израз, отстапувањето од перспективата, ослободувањето на чистиот простор на атмосферата, кон егзотиката и мистицизмот преку лиризмот на чистата форма, што го издвојува како автор посветен на истрајноста и доследноста на сопствената мисла. Тој во една прилика за основната идеја водилка во споственото творештво ќе истакне: „Секоја слика ја сметам за незавршена. Нејзиното завршување се остварува во следната слика и така натаму. И, можеби, сите тие слики заедно значат едно оформено уметничко дело.“ Како девиза која го тера напред во непрекинатото неуморно истражување на нови предизвици.“
„Миле Корубин е еден од најголемите македонски сликари, тој е првиот академски образован македонски уметник по Втората светска војна. Неговите први слики потекнуваат од првата половина на четириесеттите години од минатиот век. За првпат изложува во 1945 година, на првата уметничка изложба во слободна Македонија и во оваа импресивна листа на први, тој е и првиот претставник на највлијателната уметничка фамилија на Македонија, истакна на отворањето проф. д-р Кирил Пенушлиски. Тој додаде дека Миле Корубин, сè до својата смрт, беше исклучително активен, учествувајќи на речиси сите изложби на ДЛУМ, чиј претседател беше во еден период.
„Има отворено девет самостојни изложби, изведе голем број споменици и има безброј слики и дела. Но, она што импресионира кај него, покрај повеќе од половина век активно творење, е, пред сè, квалитетот и карактерот на неговите дела. Миле Корубин е единствениот уметник кој ја доби наградата „Нерешки мајстори“ трипати, во три различни децении“, додаде д-р Пенушлиски.
Во рамките на изложбата беа промовирани и каталогот, монографијата, со ново читање на неговото творештво, при што се опфатени анализата и развојот на неговите дела.
Рубенс Корубин, исто така еминентен македонски уметник, професор и академски сликар, се потсети дека Миле Корубин, за него, бил и татко и сликар, од кого научил дека „односот на две бои може да биде многу јака порака и во емоционална и во мисловна смисла“.
Кураторки на изложбата се Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска.
Фото: Нацинаонална галерија на РСМ