Секоја песна е некој „час“: час по молчење, час по слушање, птичји час…, вели Владимир Мартиновски за сонетниот венец

Во овој сонетен венец „Часови без часовник“ се преплетуваат работи кои ме прават среќен, но и нешта што ме загрижуваат


Како магистрал во сонетен венец што ги обединува стиховите од сонетите, вчеравечер (16 април) во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со промоцијата на сонетниот венец „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет во Скопје, беше крунисано и заокружено второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“.

Сонетниот венец, во издание на „Арс Ламина“, го промовираа Оливера Ќорвезироска и Анастасија Ѓурчинова, а потоа публиката уживаше во поетско читање со Биљана Стојановска и Владимир Мартиновски.
– Сонетниот венец почнав да го пишувам во Охрид, што може да се забележи и во самите стихови – во нив има нешто охридско, медитеранско… Го заокружив минатото лето во Авињон,  каде што, иако престојував многу кратко, едноставно имав инспирација токму таму да го завршам. Секој од сонетите има наслов, што е атипично за сонетен венец. Секоја песна е некој „час“:  час по молчење, час по слушање, птичји час… Тоа се часови кои можеби асоцираат на мојата педагошка работа на Филолошкиот факултет, но не се тие класични часови од 45 минути. Тука станува збор за часови кои немаат точно определено време, часови кои не може да се измерат со часовник. Насловот „Часови без часовник“ укажува токму на тоа излегување од стегите на времето. Сите ја чувствуваме таа потреба да излеземе од рамките на времето. А тоа ни го овозможува уметноста во сите нејзини форми – да не го мериме времето… Во овој сонетен венец се преплетуваат работи кои ме прават среќен, но и нешта што ме загрижуваат. Веројатно едното без другото не оди. Тоа преплетување – со љубовна, но и ангажирана нишка – се случи сосема спонтано. Овој сонетен венец не настана класично – не го напишав најпрвин петнаесеттиот сонет, па потоа да се враќам наназад. Настануваше подолго време. Едноставно, оставив да тече спонтано. На крајот сè се вклопи и се надевам дека книгата ќе даде одговор на многу прашања поврзани со моите размислувања и лични доживувања – рече Владимир Мартиновски по поетското читање.

„Часови без часовник“ не е обична книга – тоа е изблик на бои, облици, зборови и значења. Тоа е сонетен венец со 15 сонети – всушност, четиринаесет и петнаесеттиот магистрал без акростих.
– Ова е вистинско библиофилско издание, дизајнерски производ во кој одличните стихови на Мартиновски ги следат неговите слики и одличното ликовно-графичко уредување на Анета Илиевска… За Мартиновски „Часови без часовник“ не е прва творечка средба со сонетот. Тој одамна го негува, а во 2000 година објави и цела збирка „101 сонет во една чудна пролет“. Сметам дека годинава е одлично време во учебниците по македонски јазик и литература да се вметне и „Часови без часовник“ како пример за современ сонетен венец, покрај „Мајка Македонка“ на Лазо Каровски, но и како доказ дека жанрот трае, постои и не е нешто што се работело само во минатото – рече уредничката Оливера Ќорвезироска.

Анастасија Ѓурчинова, есеистка, преведувачка и шеф на Катедрата по италијански јазик на Филолошкиот факултет во Скопје,  која го напиша поговорот на книгата, истакна дека Мартиновски, почитувајќи го Прешерн, се води според структурата на венецот, додавајќи го и петнаесеттиот сонет – магистрал, составен од првите стихови на сите претходни песни. Врзувачко ткиво на овој венец е повторувањето на последниот стих од секој сонет, вклучен како прв во следниот, што дополнително ја усложнува постапката, но ѝ обезбедува и тематско-структурен континуитет на оваа мала лирска поема.
– Чукна часот, време е – упорно потсетува поетот, упатувајќи кон индикативниот наслов на оваа книга, според кој часовите се автентично проживеани и не се мерат со часовници, каде единствениот присутен часовник е оној без стрелки. Накусо, поетското писмо на Мартиновски е тематски актуелно и стилски одмерено, навидум непретенциозно, но длабоко промислено и внимателно избрусено – секогаш љубопитно и подготвено за игри со зборови, за свеж творечки лудизам, за нови и нови потраги по чудесните врски помеѓу обликот, бојата, звукот и значењето – истакна Ѓурчинова.

Промоцијата на книгата беше збогатена со изложба на слики од Мартиновски, кои се најдоа во ова ретко библиофилско издание, сплотени и испреплетени со сонетите. Делата се поставени во холот на „Дајмонд мол“ и може да се погледнат во наредните денови.
Во продолжение се одржа музичкиот настан „Џез, буки, веди“ во изведба на „Јани Костурски квартет“. „Џез, буки, веди“ е уникатен музички проект во кој, низ звуците на џез-стандардите, се проткајуваат текстови на македонски јазик – нови, лирски видувања на познати џез-теми, првпат изведени со македонски текстови.

Фестивалот „Видик“, кој се одржа од 2 до 16 април 2025 година, во организација на „Литература.мк“, претстави иновативен спој на различни културни области, отворајќи нови културни видици и давајќи силна поддршка на авторите од сите сфери на културата.
Во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беа одржани 15 настани што ја поврзуваа литературата со музиката, театарот, дизајнот и филмот.