Сега можеме да печатиме дрво со 3Д принтери без да се исече ниедно дрво


Престанете со сечењето дрвја! Дали овој слоган ќе го кажуваме засекогаш? Со оглед на тоа дека ги масакрираме дрвјата како да растат брзо за еден ден или како да ги има во неограничен број, можеби и овој слоган ќе остане вечен.

Едно глобално истражување на шумите откри дека од почетокот на човечката цивилизација имаме уништено 54% од вкупната популација на дрвја на Земјата, иако општо е познато дека неконтролираното сечење на шумите е една од главните причини за се почестите топлотни бранови, сушите и цунамите.

Се уште сечеме дрвја во огромни количини само за да правиме производи како восок, лекови, гума и мебел. Некои од тие производи се толку неопходни во секојдневниот живот што не можеме да го замислиме животот без нив. Но, што ќе се случи ако продолжиме да сечеме дрвја кога ќе ни текне?

Благодарение на една иновација тоа нема да се случува понатаму. Студија објавен во списанието Materials Today објаснува како изгледа првото 3Д печатено дрво во светот. Научници од МИТ со тоа докажаа дека не е потребно да се сечат шумите за да се произведе граѓа, пренесува Иновативност.

Авторите на студијата успеале да направат дрво во лабораторија од клетки од растението зинија. Тие тврдат дека нивната иновација овозможува биопечатење на дрвени парчиња во која било големина и форма. Тоа значи дека ако ви притреба дрвена маса, можете да ја испечатите.

Сето тоа го постигнале со третирање на клетките на зинија со посебна течна материја, а потоа со гел-раствор составен од хормони и хранливи материи. Со менување на концентрацијата на тие хормони истражувачите можат да ја контролираат црврстината, густината и други физички и механички квалитети на дрвото.

По завршувањето на студијата на МИТ водечкиот автор на студијата, Ешли Беквит, ја основала компанијата FORAY bioscience за понатамошен развој на бови техники и методи за одгледување граѓа без сечење дрвја. Моменталната иновација со клетки на зинија е само првиот чекор во тој правец.